Рождество Богородично 

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски Македонски брод – Бенедик 21.09.2019 г.

Рождество Богородично 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

...Блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.

 (Лука 11, 28) 

Драги браќа и сестри,

Денес на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица, кој помеѓу нашиот народ е познат и под името Мала Богородица, Божјата промисла нè донесе овде во Поречкиот манастир, чија што црква е посветена токму на денешниот празник. Во отсуство на Вашиот надлежниот епархиски архиереј митрополитот г. Тимотеј, а по негов благослов го предводев денешното евхаристиско благодарење упатено од сите нас кон Божјата Мајка Пресвета Богородица, Која како што слушнавме од тропарот на празникот „со раѓањето радост јави на целата вселена“. Таа радост од раѓањето на Богомајката – ја чувствуваме сите ние денес, ја чувствуваат сите членови на оваа црква – славеничка. И таа радост е причина за нашата вечна радост. Раѓањето на Богородица е почеток на исполнувањето на домостројот на спасението, бидејќи од Богородица „засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог“. Затоа раѓањето на Богородица е значаен празник за сите христијани.

Почитувани,

Кога размислуваме за денешниот празник, за раѓањето на Дева Марија доаѓаме до спознание дека тоа раѓање е резултат на чудо. Праведните Јоаким и Ана, родителите на Преблагословената и Пречистата долги години немале рожба, но во поодминати години биле израдувани со чедо од Бога, Кој им подари не само ќерка туку и Божја Мајка. Со нејзиното раѓање во Назарет сите ние добивме вечна заштитничка и молителка пред Бога. Како христијани треба да знаеме дека со светото раѓање на Пресвета Богородица не само што Јоаким и Ана се ослободија од срамот на бездетноста, туку и нашите прародители  Адам и Ева се ослободија од распадливоста смртна. 

Затоа сите ние ранети од стрелите на гревот, измачени оо секојдневните искушенија на светот да побрзаме во мајчинските прегратки на Богородица, да се покаеме и да го слушаме и исполнуваме Божјото слово по нејзиниот пример. На тој наш духовен пат нека нè води Богородица. Таа освен што е наша патеводителка, таа е и наша мајка, која постојано милостиво гледа на нас и се моли за нас, за нашите слабости и човечки незнаења... Затоа не само денес, туку и во иднина во сите наши маки и страданија за помош да се обраќаме кон Неа смирената и кротката Дева. 

На крај од ова денешно литургиско свештенодејство, морам да ја искажам мојата голема благодарност и до старешината на оваа света манастирската обител, настојателот монахот Бенедикт за поканата денес да сум со Вас и да ја споделам радоста на раѓањето на Богородица. 

По нејзините мајчински молитви, Семилостивиот Бог да нè помилува и спаси, а овој манастирски комплекс постојано да биде место на благодатна препород на нашите души.

За многу години! Амин!