Сите сме храм Божји!

 

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 04.12.2018 Богородица - Тетово

Сите сме храм Божји!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

 

Денес се сеќаваме на настанот од пред две илјадалетија, кога според Светото предание, со свечена литија предводена од праведните Јоаким и Ана, проследена со голема љубов и непрестајно славословие од многуте ближни, и со неискажлив восхит од ангелите била воведена Пречистата во храмот. Литијата, која три дена патувала од Назарет Галилејски до Ерусалим ја пречекал првосвештеникот Захариј, таткото на свети Јован Крстител, кој ја вовел тригодишната Дева, украсена во царска одежда во Ерусалимскиот храм, во скинијата Господова, во Светињата на светиите. Тој чуден чин го опишал блажениот Теофилакт, архиепископот Охридски со следните зборови: во тој момент Захарија бил исполнет со Божјиот Дух, односно бил надвор од себе си и обземен од Бога, поинаку оваа негова постапка не би можела да се објасни. Еден друг свет старец, пак за тоа ќе рече: ... била воведена во најсветото место за да биде огледана од самите ангели, та и самата да постане Светиња на светиите и на Бога – живо живеалиште и храм на Божественото Дете (Христос), Кое требало да се роди од Неа. Пресветата останала во храмот сè до Нејзиното доверување на праведниот Јосиф.

Нејзиното престојување во најсветото место во Израилот и во најдобрата воспитувачка средина, каде се чувствувал духот на силата Божја и славата на Семоќниот (Изреки 7,22-23) е сокриено. Ако некој би ме прашал мене, вели блажениот Ероним – како го поминувала детството Пресвета Богородица? – Јас би одговорил: ... тоа Му е познато само на Бога и на архангелот Гаврил, Нејзиниот неостапен чувар. Таму Божјата благодат низ времето ја извајала Богородица, која е: Почесна од херувимите и пославна од серафимите, Божја кадилница, Лествица небесна, Ѕвезда што го јавува Сонцето, Царево седалиште, Капина несогорлива, Гора непреодна и Невеста неневесна. Постанала најсовршено човечко суштество кое било и ќе биде најдобар пример за следење. Заради тоа постојано ја слават сите поколенија, како што и самата претскажала за себе: Еве отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат Блажена (Лука 1,48).

 

Благочестиви христијани,

 

Нешто слично се случува и со нашето денешно доаѓање во овој свет храм. Треба и ние, како Пресвета Дева Марија, да се научиме на Законот Божји, на правилата и заповедите, и не само да се научиме и воспитаме, туку и да живееме според Божјото слово. Во светиот храм ги слушаме непосредно зборовите Божји. Тука ги слушаме и прекрасните песни посветени на Бога. Во храмот се наоѓаат и светите икони на Божјите угодници, кои нè потсетуваат на нивните прекрасни примери во христијанскиот и евангелскиот живот. Најважна и најзначајна е светата тајна Причест, која во светиот храм се принесува на Бога и кон која денеска пристапуваме, примајќи го Христа. Зарем со тоа не стануваме сите носители на Бога во себе? – Сите сме храм Божји!

Овој празник како да сака да ни го покаже токму тоа – дека секој човек е создаден да биде храм Божји, да биде носител на Бога. А тоа ни го овозможи Пречистата, Која стана врата Господова. Но, за да бидеме храм Божји треба и ние малку да се потрудиме. Всушност од нас се бара многу малку, зашто поголемиот труд Му припаѓа на Бога, Кој направи сè што беше потребно за нашето спасение: слезе на земјата, нè поучи со Својот пример, се распна заради нас, ја победи смртта и ни ги отвори рајските врати. Сега ние треба само да го отвориме нашето срце за Бога, претходно подготвувајќи Му достоен дом. А како ќе го направиме тоа? – Со очистување на срцето од страстите преку подвиг, покајание и стекнување на добродетели сè додека нè станеме обиталиште на Светиот Дух.

Возљубени,

 

Црквата со овој празник – го обележува крајот на Стариот Завет и на физичкиот и матријален Ерусалимски храм како место во кое пребива Бог и го означува почетокот на Новиот Завет, каде сега веќе преку Богородица, Невместивиот Христос е сместен во самата Нејзина Пречиста утроба. На овој начин, Пресвета Богородица се предава и посветува целосно на Бога и станува пребивалиште на Воплотениот Бог, мост кој ги поврзува небото и земјата – Бог и неговиот народ. Ние како избран народ – со благодарност да се обратиме кон Божјата Мајка, која Е и сечија мајка - со една молитва, преку која светата Црква денес ја прославува: Денес во храмот се приведува сенепорочна Дева, за да биде живеалиште на Царот на вселената и Бога, и хранителот на целиот наш живот; денес најчесната светиња, како тригодишно дете, се воведува во Светињата над светињите. И сите на крај во еден глас како и ангелот, да и запееме: Радувај се, единствена меѓу жените благословена (Лука 1, 28 ).

 

Амин.

За многу години да е празникот!