Со слога до поголеми радости
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски
Со слога до поголеми радости[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Премудроста си изгради дом“
(Изреки 9,1)
Драги браќа и сестри,
Денес е голем ден за село Милетино и за Вас неговите жителите. Овој Ѓурѓовден светло ќе биде запишан во поновата историја на селото, бидејќи и нема посвета работа од тоа да се изгради храм на Господа. Со осветувањето на темелите на овој храм, кој ќе биде посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен денес го празнуваме, сите Вие заедно започнувате едно духовно патување, имате пред себе една цел и имаме сите заедно, заеднички подвиг – да го изградиме овој храм и да го осветиме за да тој биде наше прибежиште, место, кое ќе не обединува и сплотува пред Бога, Кој пребива со нас како што сведочи светото Евангелие: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18,20). И токму, Тој ќе биде со сите нас доколку ние сме заедно. Затоа преку сите дни за време на изградбата на овој храм, немој да се плашите, бидете само сплотени заедно и пополека со Божја помош и под закрила на светиот Георгиј, чии храмови во Полошкиот регион сведочат за големата вера на нашиот народ во овие краишта – јас воопшто не се сомневам дека набргу ќе дојдам повторно во Милетино, со голема радост да го осветам зданието, кое ќе никне над овие темели, чиј аголем камен е Самиот Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кој воскресна од мртвите. Со вера во Воскреснатиот Бог, врз тој аголем камен градете сложно и без поделби, кој колку што може и на кој начин може, без да има прв и последен, оти сите сме едно во Бога. Изградбата на овој храм – да не обедини и како едно семејство со нелицемерна љубов и слога да се најдеме и внатре во храмот и да се возљубиме едни со други како што Бог не возљуби. Само на тој начин ќе успееме да го изградиме овој храм, кој ќе биде наше светило, кое ќе го осветува секој човек, кој ќе влегува во него. Нека е за многу години! Бог да го благослови Вашиот труд и желба!
[1] Говор изговорен за време на осветувањето на темелите на храмот „Свети вмч. Георгиј Победоносец“ во изградба - с. Милетино, општина Брвеница - Тетовско, на 06. 05. 2019 (Ѓурѓовден)