Столб на Православието

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Столб на Православието[1]

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Ти си бил столб на Православието, утврдувајќи ја Црквата со божествените догмати, свештеноначалнику Атанасије;  

(стих од тропарот)

 

Христос воскресе!

 

Драги браќа и сестри,

            Денес е еден од најрадосните денови во Тетово и тетовско. Голема е денешната радост за сите празникољупци, членови на црквите именувани по името на светиот Атанасиј, почнувајќи од овој манастирски храм, овде во Лешок, па и во црквите посветени на светителот во Фалише, Седларце, Ратае, Радиовце, Брвеница, Глоѓи и во други места, па сѐ до храмот на тетовското Балтепе и насекаде каде верните си споменуваат за Божјиот угодник Атанасиј, кој поради неговата силна и правилна вера, како и поради неговата цврстина и борба за чистота на богословието го добил епитетот столб на Православието. Ете, во овој мајски ден собрани на Света литургија, заедно го празнуваме преносот на неговите свети мошти и си спомнуваме за сите чуда, кои се случиле врз неговите мошти. Она што сакам да го споделам со вас, за нашиот денешен славеник, многупочитуваниот светител во овие краишта – Атанасиј е неговата голема посветеност кон Црквата Христова и верата. Од неговото житие дознаваме колку овој светител допринел за зачувување на вистинитоста на Христовата наука и колку пострадал за нејзината одбрана од нападите на еретичарите. Но, секогаш на крајот вистината победува. Така победила и вистината на верата, која светиот Атанасиј ја исповедал преку целиот свој живот. Поради неговиот допринос за заштита на вистинското богословие, ние и цела Црква го спомнува и прославува светиот Атанасиј, заштитникот на нашата вера.

Почитувани,

            Празнувајќи го Преносот на моштите на светиот Атанасиј Велики, одлична прилика е да се потсетиме на неговите зборови. Во едно од многубројните негови слова, поучувајќи ги христијаните вели: „Најсилно оружје против ѓаволот е вистинскиот живот и вера во Бога“. И навистина, нема поголемо оружје од верата и од нашата моралната чистота. Ние, христијаните сме вистински христијани само доколку вистински ја живееме и доколку правилно ја практикуваме верата. Светиот Атанасиј Велики нека ни биде пример за тоа како треба да живееме вистински христијански православен живот.

Така и ние да се трудиме да живееме според духот на верата, исполнувајќи ги Божјите заповеди. Според зборовите на нашиот денешен светител: Наш печат и тврдина треба да ни биде верата во нашиот Господ Исус Христос. Но таа вера е вистинска само доколку е придружена со добри дела, бидејќи „верата без дела е мртва“ (Јаков 2, 20). Ако внимателно го слушнавте денешното евангелско четиво, еден од стиховите гласеше: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5,16). Како христијани треба да знаеме дека сме повикани да правиме добри дела и така да  постанеме „синови на светлината“ (сп. Сол. 5,5), синови на „Вистинската Светлина“ (Јован 1,9), односно синови на Воскреснатиот Христос, Кој Самиот за Себе вели: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8,12). Затоа и ние, да врвиме по Христос нашиот Бог, „Кој го осветува секој човек што доаѓа во светот“ (Јован 1,9) и осветувајќи се да напредуваме и стоиме во вистинската вера посведочена и од светиот Атанасиј, кој живеејќи според правилата, начелата и добродетелите на Христовата наука во лоното на Црквата по примерот на светите апостоли успеал да се просветли од Христовата светлина толку силно, што до ден-денес неговиот свет живот исполнет со делата на светлината, е прославуван од  нас христијаните.

 

Возљубени,

            Да се трудиме и ние како светиот Атанасиј, во овие мрачни времиња исполнети со безброј искушенија, варирања и помесувања на сите вредности да ја сочуваме нашата православна вера на тој начин што истата ќе ја живееме и практикуваме. Да бидеме верници не само по име, туку и по дела, бидејќи по делата и секако по љубовта ќе нѐ познаат дека сме Христови (Јован 13,35). Да ги отвориме нашите уши за Христовото слово за да Христовата светлина ни биде наша сигурна водителка во животот и патоказ кон вечноста, кон нашиот „постојанен град, што ќе дојде“ (Евреи 13,14). По молитвите на светиот Атанасиј Велики, нека Воскреснатиот Господ со својата светлина  ја загрее почвата на нашата душа за да таа биде носителка на добрите дела, кои се сведоштво на нашата љубов кон Бога и ближниот, постојано, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

            Од Бога благословено и за многу години!

 

[1]Беседа  изговорена на Литургија во манастирскиот храм „Свети Атанасиј Велики“ – с. Лешок, општина Теарце, на 15. 05. 2020 (Пренос на моштите на свети Атанасиј Велики; светите маченици Борис и Глеб; светите маченици Еспер, Зоја, Киријак и Теодул; светиотцар Борис-Михаил Покрстител).