Светителката од Епиват

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 27.10.2019 Св. Петка - Гостивар

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Чудесен си Ти, Боже, меѓу светиите Свои.“

                                                                                                                  (Псалм 67,35)

Драги браќа и сестри,

Чудесен е Бог меѓу светиите свои, уште во Стариот завет со овие зборови, набљудувајќи ја убавината на Божјото создание и славејќи ја величина Господова возкликнувал старозаветниот праведник и пророк Давид. И навистина прекрасно е сè што создаде Бог, но Божјата убавина најповеќе се гледа во Неговите светители, во оние кои се изградиле себе си според образот и по подобието Божјо. Светителите со својот праведен, добродетелен, маченички, преподобен, испосничко-аскетски живот, во сè угледувајќи се на Бога – најмногу и се приближиле до Него. Кога ги славиме светителите, кога ги читаме нивните житија, кога го слушаме нивното исповедање на верата во Господа Исуса Христа, ние нив им се восхитуваме, бидејќи тие сето тоа можеле да го постигнат само со Божја сила и со Божјата благодат.

И денешната светителка преподобната наша мајка Параскева - Петка, која ја славиме и која денес нè собра во овој храм е прекрасна Божја угодница. Нејзиниот живот е чудесен, нејзините дела за време на животот и после смртта до ден денешен, нејзините безбројни исцеленија и чудата кои се случуваат на нејзините чудотворни мошти во Јаши – служат за слава на Пресвета Троица. Поради сето тоа света Петка е една од најчествуваните светителки во нашата земја. Според житијните податоци таа се родила во градот Епиват, во богато и благочестиво христијанско семејство. Нејзиниот брат Ефтимиј се замонашил и подоцна станал епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизувала до својата старост. По Божја промисла, во последните години од животот, следејќи го Божјиот глас ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предала својот дух на Бога. Се упокоила во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите биле пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши, каде зрачат со својата чудотворност. 

Возљубени,

Од денешното евангелие слушнавме за петте мудри и петте немудри девојки. Преподобната Параскева, со својот живот и дело се покажала како една од оние мудри девојки за кои слушнавме од евангелското четиво (Матеј 25,1-13). Таа во текот на својот живот – достојно  се припремила себе си и својата душа за дочек на Женикот Господ Исус Христос. И денес, браќа и сестри, во светот има мудри и немудри луѓе. Всушност и целиот христијански свет, сите христијани се делат на мудри и немудри. Мудри се оние кои по примерот на света Петка се трудат својата душа да ја просветлат, очистат и украсат со добродетели, а немудри се оние кои се мрзливи, кои уживаат во гревовните наслади и кои со ништо во овој живот и свет не се трудат да направат плодови достојни за покајание. Светата мајка Петка ни е добар пример за мудра девојка. Таа била една од оние, која во целост ги разбрала денешните евангелски зборови и ги исполнила во текот на својот живот. Нејзиниот животен пат е патот светителски и патот кој треба да се стреме да го помине секој еден од нас. Затоа света Петка да ја имаме за наша вечна сопатничка кон патот на нашето умудрување и спасение. 

Почитувани,

Онака како што денешното евангелие говори за мудрите девојки, кои го очекувале Женикот на полноќ и биле подготвени, во секое време да го пресретнат Бога, така и света Петка, со својот живот и дела нè поучува дека и ние во секој миг и момент од нашиот живот треба да сме подготвени со нашите светилници, односно со богоудобниот живот и со добрите дела да Го пресретнеме Христа Бога и да дадеме отчет за нашиот живот и дела. Низ целиот свој живот да се трудиме да бидеме како мудрите девојки, а не како немудрите. Постојано да  водиме рачун за да ги сочуваме чисти и неизвалкани нашите души и срца, да „бидеме будни, оти не го знаеме ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот човечки“ (сп. Матеј 25,13) и кога ќе ни каже „Еве стојам пред Вашите врати и чукам – отворете и ќе влезам и ќе вечерам со Вас“ – заради тоа да бидеме будни за да можеме да Му ги отвориме на Бога вратите на нашето чисто срце за да тој се всели во нас. Затоа „да пазиме, да бдееме и да се молиме“ (сп. Марко 13,33), бидејќи од нас зависи како ќе живееме и колку ќе се потрудиме да бидеме во друштво на петте мудри девојки. Од нашиот живот на земјата зависи каков ќе биде нашиот вечен живот. Затоа да се трудиме да го положиме животниот тест преку литургискиот и светотаинскиот живот во Црквата, поучувани од свештениците и следејќи го примерот на светиите – да поживееме богоугоден живот за да и нашите светилници, односно души засветлат пред лицето Божјо.

Бог по молитвите на света Петка да нè води на тој прав пат и да ги прими нашите денешни молитви за да и ние како мудрите девојки Го пресретнеме во Царството небесно, за да таму со сите светии  вечно Го прославиме Отецот, и Синот и Светиот Дух, Троица Единосушна и Неразделна, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

За многу години!