Темели за нов почеток
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Темели за нов почеток
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„ Боже, дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш“
(Псалм 69,1)
Ваше блаженство, Ваши високипреосвештенства, почитуван премиер, почитуван градоначалник на општина Теарце, почитуван директор на Комисијата за верски односи, почитуван директор на Управата за заштита на културното наследство, благоговејни отци, драги браќа и сестри,
Неискажлива и чудна е Промислата на нашиот Троичен Бог, Создателот и Строителот на сè, Кој ја „создал земјата на цврсти основи“ (Псалм 103, 5), Кој и нас од небитие во битие нè привел. Ете, таа Божја промисла, по застапништвото на Пресвета Богородица и на светиот Атанасиј – заштитниците на оваа света обител, како и по молитвите на сеуште неканонизираниот некогашен игумен на овој манастир, на игуменот Кирил (Пејчиновиќ) денес нè собра во Лешок, тука во Лешочкиот манастир да учествуваме и да ја споделиме големата радост предизвикана во нашите срца од денешниот светол чин – на полагање на камен-темелник за изградба на нов манастирски конак.
Радоста на овој ден е навистина голема, а голема е бидејќи овој несекојдневен настан го чекавме подолго време и секојдневно се надевавме и се молевме на Бога истиот што поскоро да се случи. Денес сме среќни дека дочекавме на дело да се исполнат зборовите на еден отец дека „кај Бога секогаш се случува сè на време, за оние кои умеат да чекаат“. Среќни сме затоа што Семилостивиот Бог допушти, во светлината на овој 1 февруари, во ова богомдаровано 2020 лето Господово, ден по празникот на манастирскиот патрон свети Атанасиј, да бидеме сведоци на предвестувањето на новата етапа на развој на ова наше светилиште, да бидеме дел од настанот, кој ете денес станува реалност за сите нас, за моите лешочани и теарчани, за тетовчани и гостиварчани и за сите оние, кои ќе ја посетуваат убавината на овој дом. Сега конечно се исполни времето во својата полнота и дојде Божјиот благословот на овој наш заеднички дом. Затоа овој ден и овој датум несомнено со светли букви ќе бидат испишани и врежани во поновата манастирска историја и ќе отворат ново и светло поглавје на развој, кое ќе сведочи за едно преображение и обнова кон идно воскресение на манастирскиот комплекс.
Драги христијани,
Подготвувајќи го моето денешно пригодно слово и размислувајќи за ова наше светилиште, за овој наш „светилник на врв планина“ (сп. Матеј 5,14) пред моите мислени очи се појавија многу настани од богатата историја на манастирот, кои не можам да ги испуштам од моето слово. Во една реченица, од сегашна преспектива само ќе кажам дека таа е историја на падови и подигања, на страдања и радости, на тага и среќа, таа е историја на едно светилиште од Бога благословено и од нашите претходници, чувано и сочувано и во аманет оставено на нас и на сите идни генерации, кои ќе го имаат благословот Божји, на Неговата Пречиста мајка, на светиот Атанасиј, на основоположниците на ова свето место, на сите незнајни и знајни ктитори, на Антониј, епископот долно-полошки, на Никанор митрополит скопски, на игуменот наш Кирил и сите други игумени и градители, пазители на ова парче земја, која ги чува спомените и трагите на вековниот опстој, кое сведочи за нас и нашата вера и преку кое ние од времето се стремиме да преминеме кон вечноста.
Како што спомнав овој миг и овој настан се особено значајни и тоа не само затоа што по скоро 200 години се случува осветување на темели за изградба на нов конак, кој е неопходно потребен за понатамошно нормално функционирање на оваа обител, туку затоа што конечно и во овој манастир страдалник ќе се залечат старите рани, раните предизвикани од тежината на времето и од раката на несовесните луѓе и што и овој манастир како феникс ќе воскресне од пепел и ќе продолжи да биде, по зборовите на блаженоупокоениот старец Ефрем Аризонски „тврдина Божја и појава светоотечка, која го благословува целиот крај кај што е подигнат“. Овој манастир несомнено уште од дамнина е голем благослов за Полог. Тој и во денешно време е центар на духовниот развој на нашата епархија и како таков под грижата на Митрополијата, на надлежните државни институции за овој споменик на културата и пред сè под грижата на верниот народ ќе продолжи да постои и во иднина, бидејќи е изграден „од камен“ (сп. Матеј 7,25) и „утврден на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Господ Исус Христос“ (Ефес 2,20).
Токму на Тој аголен камен, на Господа Исуса Христа во Кого ја полагаме сета наша вера и надеж, денес се молиме неизмерно да ја излее својата благодат, да го благослови камен-темелникот за изградба на конак и да ни биде Помошник ова дело започнато од нашите раце во Негова слава што побргу да се изгради и освети.
Почитувани,
Сигурен сум дека со полагањето на камен-темелникот за изградба на овој конак на местото на стариот руиниран објект, како и со веќе започнати проекти за обнова на стариот конак и за конзервација и реставрација на фреските во манастирската црква ,Пресвета Богородица, постепено ќе се овозможат услови за непречено функционирање на манастирот, за развој на духовниот и монашкиот живот. За оваа голема обнова започната во овој манастир, најнапред Му благодарам на Бога за сите Негови благослови и дарови подарени на Лешок, а потоа и на сите Божји луѓе, кои на каков и да било начин помогнале со своите дела. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на Неговото блаженство, кој оддели од неговото скапоцено време за да ја сподели оваа наша радост, благодарност и до браќата архиереи, кои исто така денес се заедно со нас. Голема благодарност до архитектите Искра и Владо Лековски за изработениот проект за изградба на овој конак. Искажуваме благодарност и до Комисијата за верски прашања, до Управата за заштита на културното наследство и до Националниот конзерваторски центар за нивната институционална поддршка, како и до Градоначалникот и Советот на општина Теарце за разбирањето и одобрението за градба. Секако благодарност и на моите соработници, на манастирското братство и до сите Вас браќа и сестри, кои одвоивте од Вашето време и дојдовте овде во Лешок да бидете учесници и сведоци на овој свештен чин.
На крај, би ве замолил сите заедно да ги упатиме нашите молитви кон Севишниот Бог и да се помолиме ова започнато дело, набргу да го завршиме и осветиме за Божја слава.
Нека е благословено осветувањето и за многу години!