УЧЕСНИЦИ ВО БОГОЈАВЛЕНСКАТА РАДОСТ1
УЧЕСНИЦИ ВО БОГОЈАВЛЕНСКАТА РАДОСТ1
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Во оние дни, дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.“
(Марко 1, 9)
Ваши екселенции, ценети претставници на државната и локалната управа, пречесни отци и сослужители, драги наши браќа и сестри,
Бог се јави!
Носејќи ја во себе радоста на Божиќните празници, од светлината на раѓањето во тело на нашиот Господ и Спасител, само неколку денови по преминот од старото во новото 2025 лето Господово, радувајќи се за дарот на животот, денес повторно во срцата ни се рагорува и умножува радоста предизвикана од денешното торжествено празнување на Богојавлението, односно на празникот на Крштението на Господа Исуса Христа. Богојавленска радост, на Водици ја чувствуваме сите ние, кои го прославуваме овој празник, традиционално овде на левиот брег од нашата најголема река – Вардар, во Богородичниот храм. Таа празничната радост не е помала и во сите други места на нашата земја, како и во нашите прекуграничните епархии, бидејќи каде што живее македонскиот народ, таму е жива и православната вера и традицијата. Ако после Велигден и Божиќ масовно се прославува некој празник - тоа за нас Македонците е денешниот празник. Денес и старо и младо се наоѓа во храмовите и покрај водите, каде што со вера ќе го дочекаат нивното осветување преку молитвата и полагањето на светиот Животворен крст.
Ете Божјата промисла - на овој голем сепразничен ден посебно значаен за вас - изразена преку волјата и преку благословот на нашиот Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан ме донесе мене тука во главниот град, на нашиот Вардар - на
1 Беседа на празникот Богојавление – Водици, изговорена за време на положувањето на Светиот крст во Скопје, на ден 19. 01. 2025 година.
македонскиот Јордан, во чии води како и секоја година, така и оваа ќе го спуштиме Светиот крст.
Почитувани,
Наоѓајќи се денес тука, пред да го извршиме Големиот богојавленски водоствет и да го положиме Светиот крст и да ги осветиме овие македонски води, сакам да потсетам накратко за значењето на денешниот празник за нас христијаните, но и за неговото правилно празнување. Како и секој празник, така Богојавлението треба да го прославиме согласно црковните прописи, така што првенствено со наше учество во заедничката молитва во храмовите, каде што ќе присуствуваме на Светата божествена литургија и ќе се причестиме со светите Христови тајни, а потоа сите верници заедно литиски ќе се упатиме до водните крајбрежја за да преку молитвите и со положувањето на светиот крст ја осветиме водата и целокупната природа. Зошто го потенцирам присуството и следењето на богослужението. – Затоа што преку богослужбените химни, кои ги пееме и преку Евангелието кое го слушнавме – сите ние ја дознаваме смислата и суштината на нашето денешно празнување во спомен на Крштението на Спасителот наш Господ Исус Христос од светиот Јован во водите на реката Јордан, при што се случило откривањето или јавувањето на Бога, Кој се открил во три лица како Пресвета Троица.
Како што чувме од денешното свето Евангелие: Бог Отецот се открива преку гласот Ти си Мојот возљубен Син, Кој е според Мојата волја, Светиот Дух во вид на гулаб слегува над Синот, Кој се крштева (види: Марко 1, 9-12) од светиот Јован Крстител „за да ја исполни секоја правда“ (сп. Матеј 3,15). Со крштението, нашиот Спасител ја потопи човечката нечистотија, го изми нашиот прадедовски грев и ги освети Јорданските води, а преку нив и целата природа, како што и денес на чинот на Големиот богојаленски водосвет повторно ќе бидат осветени. На реката Јордан за време на крштението, Претечата и Крстителот Јован сведочеше за Христа како за Јагне Божјо, објавувајќи дека Он е нашиот ветен Месија и Спасител на светот. Светиот Јован Дамаскин за настанот на Христовото крштение, проникнувајќи во тајната на денешниот празник вели дека Господ Исус Христос примил крштение не дека Него му било потребно, но за да ја погреба човековата гревовност и се она што дојде од Адам, потоа за да го исполни законот и за да ни даде модел за новозаветното Кршение, кое е ново раѓање.
Возљубени,
Денешниот празнување не е само спомен на Богојавлението, туку воедно е и повик кон секој еден од нас, не само да веруваме и да го исповедаме Троичниот Бог, туку и да направиме место за Него во нашите срца. Познатиот светител Јован Шангајски во една своја беседа за Водици напишал: „Секоја година Црквата Христова на овој празник, ги повикува сите нејзини чеда да ги отворат срцата подобно на отвореното небо и да го примат оттаму Духот Свети Кој слегува, а Кој ги обновува, очистува, укрепува и преобразува нашите души и тела“. Затоа и сите ние треба да се трудиме, да ги отвориме нашите срца и да направиме место за Бог во нашиот живот. А вистински Го прославуваме и примаме Бога тогаш кога празнуваме богоугодно согласно нашата христијанска традиција и предание, а не тогаш кога само профано и световно ги прославуваме празниците. Тие треба пред се богослужбено и молитвено да ги одбележуваме со присуство на Светата Литургија, покајувајќи се и трудејќи се да постанеме подобри и свети личности, богови по благодат, бидејќи тоа е суштината на длабоката духовната димензија на денешниот празник, која е многу повеќе од сведување само на обична традиционална манифестација. И само доколку така духовно празнуваме ние ќе постанеме вистински учесници на богојавленската радост.
Покрај, моите денешни срдечни и искрени молитви, и љубов кон секој од вас посебно, на крајот од ова мое празнично слово, сакам да искажам благодарност кон нашиот духовен татко, Архиепископот г. г. Стефан, за благословот денес да сум тука со Вас во нашето Скопје. Во оваа прилика на сите Ви ги пренесувам поздравите, честитките и архипастирскиот благослов од страна на Неговото блаженство, преку зборовите на апостолот кои ги чувме на светата Литургија: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога Отецот, и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите вас“.
Ја користам оваа прилика на сите сите верници при оваа епархија и на целокупниот македонски народ да го честитам овој голем празник на Богојавлението, а посебно на оние кои го прославуваат овој ден како своја слава и именден! Нека Христос, Кој денес заради нас се крсти од Јована во Јордан сите нѐ просветли и освети за да можеме секогаш да живееме во мигот на Богојавлението и имајќи ја во нас вечно денешната празнична радост, заедно со целата Црква Христова, и ние со ангелите и светителите, да исповедаме дека „ја видовме вистинската Светлина, Го примивме Духот небесен, ја најдовме верата
вистинска, на неразделната Троица и се поклонуваме“, сега и секогаш и во сите векови! Амин!
Нека е за многу години Водици!
Бог се јави! - Настина се јави!