Успението – круна на Богородичниот живот[1]
г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Успение - 2020
Успението – круна на Богородичниот живот[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Царицата стои покрај Тебе оддесно“
(Пс. 44, 9)
Драги браќа и сестри,
Во овој светлозрачен ден и ние присутните во овој храм се приклучуваме кон славославието од членовите на небоземната црква, кон Божјата мајка, кон прославата на Онаа Која денес се „претстави кај животот“ и застана од десната страна на Нејзиниот Син и наш Бог и Господ Исус Христос, настан, кој уште старозаветниот пророк Давид го прорекол со зборовите: „Царицата стои покрај Тебе оддесно“ (Пс. 44, 9). Ете, на овој голем празник на Богородичното успение овие зборови на псалмопејачот ни стануваат во потполност јасни и разбирливи на сите нас, зашто се исполнуваат преку Успението на Пресвета Богородица, кое е круна на животот на Мајката Божја, на Пресветата Владичица, Која во сета своја слава, испратена од светите апостоли, кои на чудесен начин се собрале од сите краишта на земјата – оди при Бога пред Кого се застапува за сите нас, кои денес го славиме Нејзиното сечесно успение, односно Нејзиното преминување од овој свет во вечноста, со што се случила победата на животот над смртта и потврдата на ветувањето за нашето воскресение во Христа. Затоа денес на Успение, ние не ја славиме смртта, туку заспивањето и вознесувањето, заминувањето на небото, воскреснувањето како со душата, така и со телото на Пресвета Богородица, која бдее над нашите души, чувајќи ги од злото и подготвувајќи ги за доброто и за вечниот живот.
Возљубени,
Празниците се определени од Светата Црква да се празнуваат. Празнувајќи го овој празник добра прилика е да се потсетиме за тоа како треба ние православните да ги праславуваме празниците. Еден празник достојно се прославува доколку го посетиме храмот Господов, доколку сме присуствувале на богослужението, доколку сме постеле, исповедале и како круна на сè доколку сме се причестиле со Светите Христови тајни. Подготовките за овој значаен празник започнаа пред две недеели, со почетокот на Богородичниот пост, а денес е централното чествување. Оние што во овој период постеле, се исповедале и добиле благослов од својот духовен отец приоѓаат и се причестуваат со Телото и Крвта Христови. Токму Вашето присуство во овој манастир го зголемува празничното расположение и нашата радост. Во овие мигови и покрај страшната пандемија која владее во светот – Лешок и овој манастир се преполни со поклоници на Богородица и секогаш Дева Марија, кои ја молат да донесе среќа и здравје на секоја човечка душа, особено за оние што се болни и што страдаат. Да се помолиме Богородица Мајка да ни помогне пред сè да станеме подобри луѓе. Овој празник нека нè потсети на љубовта и почитта кон родителите и кон нашата обврска да се грижиме за постарите. Правете им добро за добро и вам да ви се врати. И, како што рекол нашиот народ не копајте гроб на друг, оти сами ќе паднете во него.
Почитувани,
Пресвета Богородица, мили мои, е постојано со сите нас. Светиот Григориј Палама, во својата проповед за Успението на Богородица вели дека „Таа стои помеѓу Бог и целиот човечки род“. Несомнено таа е најубавиот украс, и Неа и прилега најголемата чест и слава, бидејќи со Неа човечката природа е воздигната на највисок степен на моралното усовршување. Заради тоа Богородица е најблиску до Бога. Земена во Христовите прегратки и вознесена на небото, Таа постанала прва и најголема застапничка на луѓето пред Бога, Која и денес се застапува за сите нас што на денешниот светол ден стоиме пред Нејзиниот успенски лик. Затоа Нејзините молитви ни се навистина потребни на сите нас.
Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот манастир, да И се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Честит и вековит да е празникот!
[1]Беседа изговорена на вечерна богослужба во манастирската црква „Свети Атанасиј“ с. Лешок – општина Теарце – Тетовско, на 28. 08. 2020 (во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица).