Успешно положена матура на 52 генерација богослови
Ваши високипреосвештенства, Ректоре, професори во МПБ, драги матуранти и ценети гости . По милоста Божја и по волјата на САС на МПЦ-ОА, ми се даде посебна чест да бидам пратеник на 52-та генерација матуранти во учебната 2019-2020 година, за која чест особено им благодарам на браќата архијереи. Ова задолжение за мене претставува посебно задоволство, но и одговорност, затоа што преку моето присуство за време на матурскиот зрелосен испит и јас се вградив во делото на оваа генерација, но и во делото на МПБ „Св.Климент Охридски“, раководено од Ректорот, Митрополит г. Агатангел и од ценетите професори. Зрелосниот испит на овогодишните матуранти, започна онака како што е пропишано во статутот на Богословијата, и покрај тоа што сме изложени на големо искушение какво што светот нема доживеано многу децении наназад. Полагањето на матурата започна според следниот ред: Најпрвин беше спроведена писмената работа, а потоа усниот дел, односно испитите по предвидените предмети. Сите десет ученици успешно го положија писмениот дел кој всушност претставува и услов за полагање на усните испити.
Писмениот дел е положен со општа оценка 4.2
При усните испити, се покажаа следните резултати:
- Свето Писмо, со општа оценка 4.2
- Православна догматика, со општа оценка 4.0
- Црковно и брачно право, со општа оценка 4.2
- Литургика со општа оценка 4.1
- Христијанска историја и историја на МПЦ, со општа оценка 3.9
- Црковнословенски јазик со општа оценка 3.7
- Црковно пеење со типик, со општа оценка 3.7
- Општ успех на зрелосниот испит е 3.92
Почитувани матуранти, ви благодарам од свое лично име, од името на членовите на САС и од името на вашите професори, што сите нас не направивте соучесници во овој несекојдневен настан. Се радуваме заедно со вас и се надеваме дека ова ваше богословско образование, кое го започнавте овде нема да заврши со оваа свеченост, туку вашето усовршување во тајните на богословието ќе продолжи во текот на целиот ваш живот. Ова ваше драгоцено искуство, веруваме и се надеваме, ќе биде влог во иднината на нашата света Македонска Црква и од полза за нашиот православен народ, а ќе биде посведочено и во вашите животи. Од денес сте исправени пред предизвикот да приведувате мноштво народ кон светлината на богопознанието, како што вели Христос: А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени (Јн. 3,21). Сведочете не само со знаењето, кој треба постојано да се трудите да го умножувате, но особено со животот. Збогувајќи се денеска со вас ви го испраќаме Божјиот благослов и ви препорачуваме: Пазете на себе и на учењето; бидете постојани во тоа, оти, ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат (1Тим. 4,16). АМИН.