Вистинољубецот
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не впуштајте се во разни туѓи учења; оти е добро
со благодат да се поткрепува срцето, а не со јадења, од кои
немаа никаква полза оние, што ги употребуваа.“ (Евреи 13,9)
Драги браќа и сестри,
Јануари е месец со многу значајни празници, со многу значајни чествувања. И ете еден исто така голем и значаен празник славиме и денес, во последниот ден од месецов. Денес светата Православна црква си спомнува за двајца големи светители, чија што светлина, како што слушнавме од денешното свето Евангелие: „не може да се сокрие“, туку ни свети постојано и го осветува нашиот животен пат кон вечноста. Тој пат браќа и сестри поминува низ овој свет храм, кој е посветен токму на еден од денешните светители, на светиот Атанасиј Велики. Затоа денес се наоѓаме овде во прекрасната Брвеница и во овој храм за да го прославиме споменот на храмовиот светител, споменот на великиот архиереј и богослов на Христовата црква, подвижникот и наставникот на верата наша православна.
Од четивото на денешниот апостол слушнавме „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подржавајте ја верата нивна“ (Евреи 13,7). Кои се тие наши наставници, за кои ни зборува апостолот, чиј живот треба да го помниме, а чија вера треба да ја подржаваме? – Тие наставници, браќа и сестри се светиите, оние, кои заради својот беспрекорен живот и заради својата голема и чиста вера во нашиот Учител, Спасителот Исус Христос, од Него биле овенчани со светителски венец. Меѓу тие наставници се броени и денешните светии: Атанасиј и Кирил Александриски. Поучени од апостолското четиво, сите ние заедно денес на најдостоен начин ги помниме и се сеќаваме на нивниот богугоден живот и дело, посетувајќи го овој храм во голем број и учествувајќи во Литургиското богослужение, во кое на најдостоинствен начин ние Му благодариме и Му се молиме на Севишниот Бог, на Мајката Божја и на светиите, меѓу кои и на светите Атанасиј и Кирил. Тие се две светила, двајца александриски патријарси, кои најревносно се бореле против еретиците, против лажните учења и лажните учители.
Почитувани,
Од Вашето денешно присуство во храмот се гледа колкава е Вашата почит кон светиот Атанасиј Велики – еден од најучените луѓе, за кого и цел ден да Ви зборувам е сосема малку и недоволно да ви доловам ни само една минута од неговиот свет живот овде на земјата, живот исполнет со голем труд и творештво, со многу дела и подвизи, со многу маки и страдања, заради вистината, заради Христа, Кој, според зборовите на светиот Атанасиј во словото „Против Аријаните“: ...„постанал човек, за да ги направи луѓето Синови Божји..., постанал човек, за да нè обожи и направи богови по благодат“. Нашиот Бог, почитувани, станал човек, од љубов кон паднатото човештво и го победил гревот и нам ни ја дарувал можноста да го здобиеме вечниот живот. Затоа сите ние треба како светиот Атанасиј - да се потрудиме во својот богомдарован живот на земјата, најнапред преку својот живот, а потоа и преку своите дела и постапки да се трудиме и да се стремиме да постанеме „богови по благодат“, односно да се обожиме, соединувајќи се со Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, вкусувајќи го Неговото тело и самата Негова крв – Светата и спасителна Причест, која ни се дава за опростување на гревовите и за вечен живот.
Драги христијани,
Тој пат кон вечниот живот, кон Небесното царство е невозможен без Црквата, без човек да се потруди и без да влезе во светиот храм и да пребива во него... Тоа добро го знаеле нашите предци, кои го основале и изградиле овој храм, но се радувам што и Вие сте генерација што ги следи тие чекори и дури ги надоградувате... Не може да се надогради и да се обнови и реставрира овој храм – доколку Вие и верата во Вас нè е силна и вистинска. Само вистинската вера е плодотворна вера, вера која носи плодови, која носи спасение. Продолжете, мирно и смирено да чекорите по патот на спасението, кон патот кон овој храм, продолжете да ги упатувате Вашите молитви кон светиот Атанасиј, вистинољубецот и правдољубецот, но пред сè продолжете да го следите неговиот пример, бидејќи никогаш нема да згрешите на тој начин. Тој бил и останува пример за човек, кој несебично ја сакал Црквата Христова и целиот свој живот не се штедел и го посветил токму на Црквата. Би бил среќен доколку сите ние, следејќи го него, се вложуваме што повеќе за напредок на оваа надежна црковна општина, во оваа наша населба, која по молитвите на светиот Атанасиј расте и се умножува...
Сакам да ја искористам оваа прилика да Ви се заблагодарам на сите Вас, на Вашиот парохиски свештеник за посветеноста и ревноста, на Управата и одборот на оваа црковна општина и секако на сите верници. Сите Вие изминатите месеци правите голема работа, и навистина нема поголема и поубава работа од тоа да се изгради дом Божји. Вие го правите тоа што е навистина потребно во овие мигови, го возобновувате храмот, кој го краси ова населено место и знам дека овој храм во иднина, обновен, ќе заблеска уште повеќе, бидејќи во него сите Вие ќе се осветувате, по молитвите на светиот Атанасиј, кој денес го молиме да ве насочува на вистинскиот пат во Вашите животи. Нека е за многу години овој ден, а на оние кои го прославуваат споменот на светиот Атанасиј – нека им е вечна славата!