Во очекување на Богомладенецот
Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф „Свети великомаченик Георгиј Победоносец“ во с. Мала Речица – општина Тетово на 06. 01. 2019
Во очекување на Богомладенецот
Таа ќе роди Син и ќе Го нарече со името Исус,
зашто Тој ќе го избави народот Свој од гревовите негови
(Матеј 1,25)
Драги браќа и сестри,
„Голема е тајната на побожноста“ (1. Тим. 3,16), вели апостолот Павле, и навистина една неискажлива тајна се случува во оваа светлозрачна Бадникова ноќ, кога заради нас луѓето и заради нашето спасение, Пречистата Дева Го раѓа Предвечниот, Оној на кого земјата му принесува пештера, Непристапниот, на Кого и сите ние оваа вечер како пастирите и ангелите му принесуваме славословие, очекувајќи го и славејќи го Неговото славно Рождество, првиот празник меѓу празниците. Во ова навечерие на празникот Божиќ, на Бадник, сите ние со трепетна радост очекуваме голема средба: средба со витлеемскиот Богомладец. Подготвени, да го пречекаме Христа Господа, и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, во оваа место, кое за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог.
Оваа ноќ треба да помине во духот на будноста. Самиот збор „Бадник“ е од црковнословенско потекло и во превод значи – да бидеш буден. И ние не само што сме будни оваа ноќ, туку сме и радосни, што ете соборно заедничариме како една прекрасна Христова заедница. Сите ние тука сме едно големо семејство, а нашиот заеднички дом е овој возобновен манастир, оваа црква. Јас како надлежен владика, особено сум радосен што имам вакви духовни чеда, кои ги негуваат нашите христијански традиции, кои со својата вера и љубов оваа ноќ од ова место направија вистинска пештера во која ќе го пресретнеме Бога, Кој слегува од небото на земјата.
Мили чеда,
Пред да си отидеме со радост во својот дом, носејќи го бадниковиот благослов од ова Божјо место, уште еднаш да размислиме и да се запрашаме дали кога Богомладенецот Христос ќе дојде – имаме ли место, каде да го сместиме? – Свети Јован Златоуст, нè поучува: Христос е пред вашите врати – отворете Му... и прифатете Го“ и сместете Го каде што сакате во домот на своето срце, во храмот на својата душа, само внимавајте таа да не е претворена во „разбојничко дувло“ (Марко 11,17) на зли страсти и непокајани гревови.
Ете, Богомладенецот Христос доаѓа и треба да внимаваме како ќе Го пресретнеме. Овој Бадник, сите да се потрудиме да го пресретнеме и дочекаме будни Бога, празнувајќи според зборовите на свети Григориј Богослов: „Не телесно, туку божествено, не световно, а духовно...“. Само така празнувајќи го овој светол празник, ќе станеме вистински Богопримци, а нашиот дом ќе постане вистинска Витлеемска пештера, во која ќе пребива Божјата благодат.
Браќа и сестри,
Со надеж и искрена верба во очекувањето на Божиќната средба со Христа, Ви посакувам среќни Божиќни празници и безброј радости во Вашите домови. Нека е за многу години и дај Боже уште во поголем број наредната година да го дочекаме празникот на славното Христово раѓање.