Живото евангелие 

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски св. Никола – Тетово 19.12.2018 г.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази брата си, лажливец е; 
зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, 
не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел“ 
(1 Јован 4,20).
Драги браќа и сестри,
    На овој блажен и празничен ден, еден свет човек, ја започнал својата боговдахновена беседа со следните зборови: „Денес ние го празнуваме живото Евангелие на Господа Исуса Христа. Живо напишано со чудеса, напишано со силите небески, напишано под ѕвездите и сонцето во животот на големиот светител Божји, светиот отец наш Николај... Да го прославуваме него, тоа е пофалба на Евангелието, на живото Евангелие, кое непрестајно се движи помеѓу луѓето. Ако имало човек во Црквата, кој бил подвижно Евангелие Божјо, тогаш тоа е сигурно светиот отец Николај“, чудотворецот и архиепископот Мирликиски, чиј спомен сите ние соборно го прославуваме во овој храм посветен во негова чест. На тоа живо Евангелие, како што го нарекува преподобниот Јустин во својата беседа – денешниот светител, се сеќаваме секоја година, на самиот праг на административната календарска година, во миговите кога секој човек прави рекапитулација на настаните и активностите, односно на самиот живот во тековната, но и кога веќе прави и планови за следната година. И токму во тие мигови на сопствено согледување, во тие мигови кога целиот свет е занесен и понесен во подготовките за испраќање на тековната и пречекување на наредната година, Црквата Божја си спомнува за правилото на верата и образот на кротоста, си спомнува за оној богат човек, кој покрај сите свои можности, го избрал и одел по Христовиот пат, исполнувајќи ги евангелските заповеди. И токму ние, во овие наши краишта, најмасовно на тој голем светител му оддаваме чест, славејќи го неговиот спомен како слава и именден во своите домови. 
Почитувани,
Во овој величествен ден, кога многу македонски семејства го прославуваат споменот на светиот Николај, би сакал да укажам на неколку моменти од неговиот живот, кои ќе ни бидат во полза на сите нас во овие благословени денови од Божиќниот пост. Верувам дека секој еден од Вас, кој го читал Николаевото житие знае дека тој во текот на својот живот успеал не само да ги исполни евангелските заповеди, туку успеал и другите да ги научи на вечните евангелски заповеди. Целиот негов живот бил исполнет со љубов кон Бога и ближните. Таа љубов во него никогаш не се раздвоила, бидејќи неговата љубов кон ближните, била постојано пројава на љубов кон Бога и обратно, како што кажува и Светото писмо: „Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази брата си, лажливец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел“ (1 Јован 4,20). Од таа љубов како плод произлегле доста благоугодни дела, кои го красат животот на овој светител. Токму поради таа љубов – тој денес е прославуван по целиот свет. Но прашањето, кое сакам да го упатам до секој еден од нас е колку ние денес го прославуваме неговиот спомен на вистинскиот начин? Колку ние ја поседуваме таа негова љубов кон Бога и ближните? Колку ние го следиме неговиот свет пример?
Овие прашања, мили мои, треба сите ние искрено да си ги поставиме во овие мигови. И, сеќавајќи се на нашите дела и зборови во текот на годинава и претходно, треба да си признаеме пред себе и пред Бога, па и пред своите ближни дека  ние во овој современ конформистички свет – таа љубов се помалку и помалку ја имаме во своите срца. Денес повеќе од јасно е дека како резултат на немањето на верата во Бога, овој век може слободно да се нарече век на егоизмот, век на самозаљубеноста, век на отуѓеноста... век кога сите ние на одреден начин ја идентификуваме среќата со парите, а љубовта со интересот. Поради сето ова, животот на денешниот човек е живот на себичноста и алчноста, на завидливоста, на омразата, та дури одиме дотаму и да размислуваме, но за жал и правиме одмазда на својот ближен. Денес трагајќи по таканаречените европски вредности, ние како да забораваме на вистинските Христови и евангелски вредности, на оние вредности за кои со својот добродетелен живот ни посведочи светиот Николај, кој раздавајќи го своето земно богатство на луѓето, притоа  не очекувајќи како вистински христијанин воопшто ништо за возврат, стекна три многу поголеми богатства, и тоа: богатство на вера, богатство на правда и богатство на милост. Но освен овие три големи духовни богатства, светиот Никола поседувал и други богатства, како: кротоста, воздржливоста, смиреноста, постот и молитвата. Богатства, кои „ниту  молец, ниту рѓа ги јаде“ (сп. Матеј 6,19-21), богатства без кои и ние неможеме на вистински начин да го прославиме споменот на светиот Николај, оти да се слави значи да се посведочи, да се следи примерот на оној, на чиј спомен се сеќаваме, а човек најдобро се сеќава тогаш кога, сеќавајќи се го живее и го следи примерот на својот светител и заштитник пред Господа Бога и Спасителот наш Исуса Христа, Кој и нам како и на светиот Никола ни ги дал светите заповеди, да ги знаеме и да ги исполнуваме во својот краток живот овде на земјата во споредба со вечноста. 
Мили мои, 
Во овој благопријатен ден, нашите мисли да ги насочиме кон Бога и ближните. Денес, од нас да ја остраниме секоја животна и матријална грижа, да се погрижеме за духовните блага, за љубовта и милосрдието. Поучени од примерот на светиот Никола, како вистински христијани да научиме да подаруваме љубов, љубовта – тоа е нашето најголемо богатство, кое според Павловите зборови никогаш нема да изчезне..., како и нејзините плодови. Да ја завршиме оваа година со љубов, бидејќи секој човек како Божјо создание е создадено да љуби и да биде љубено. А човек вистински љуби – тогаш кога дава без да очекува да му биде возвратено. И така да љубиме и да даваме милосрдие во овие денови. Само на тој начин пред целиот свет на дело ќе ја посведочиме љубовта Христова и на светиот Николај, чиј лик и дело во последно време го забораваме и заменуваме со ликот на „Дедо Мраз“. Сепак само ако се сеќаваме на светиот Никола, тогаш и дедо Мраз за нас христијаните ќе биде добар и прифатлив.
На крај нека е благословен нашиот Бог, Кој ни го дал за вистински образец на верата светиот Никола. Нека е среќна слава на сите оние, кои го слават и носат неговото име. Да сте благословени и денес и во сите векови! Амин.