Тодорова Сабота
На 28.02.2026 година, Тодорова Сабота, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света Златоустова Литургија во Соборниот храм ,,св. Кирил и Методиј" -Тетово, во сослужување на свештеници од Тетовското намесништво. Православните христијани кои со пост и молитва се подготвуваа во изминатите денови, пристапија да се причестат со Светите Христови Тајни. Во својата беседа кон благочестивиот народ, Митрополитот г. Јосиф меѓудругото нагласи: Браќа и сестри, еве сме во првата сабота од спасителниот велигденски пост, многумина од нас ќе пристапат пред светата Чаша, со желба да се причестат-соединат со Христа Господа. И навистина, секој православен свештеник исполнет е со неискажлива радост, кога гледа како верната паства ги запазува Господовите заповеди, црковните правила и како, по претходна подготовка, пристапува да се причести со Телото и Крвта Господови. Јас како ваш владика и вашите свештеници овде во Тетово, се радуваме што нашата паства нема мртва душа, туку жива, која се надева и го очекува вечното спасение и соединувањето со Преслаткиот Христос. Се молам вака секогаш да го гледаме храмот исполнет со верен народ, кој со ревност пристапува кон светата причест. Токму овие великопосни денови нè поттикнуваат интензивно да размислуваме за тоа, какви чудесни и какви свештени плодови се содржат во оваа света Тајна, ако подготвени духовно и телесно пристапуваме кон причесната. Светата Тајна Причест нè соединува и сите нас меѓусебно, кои се причестуваме од едната Чаша и со едно и исто Тело Христово. Така, ние постануваме едно семејство на Божји деца. Ние постануваме браќа и сестри не само по тоа што потекнуваме од едни и исти прародители, не само по тоа што сме родени од истиот Свет Дух преку Крштението, туку пред сè, затоа што се причестуваме со спасителното Тело и животворната Христова Крв, од една и иста Чаша. Спомнувајќи си денес за Теодоровото чудо, во благословените дни на постот да се потрудиме да постиме чисто и неосквернето, да не го омаловажуваме постот, зошто нашите прародители Адам и Ева, поради непочитување на Божјата заповед, преку нарушувањето и јадењето од забранетиот плод паднале во грев. Затоа ние, кој колку може, според своите можности и сили да се труди да ги запазува Божјите заповеди, како и црковните правила. Како христијани потребно е да постиме, но и да се исповедаме пред духовниот отец – свештеникот и со покајание да пристапиме кон Светата тајна Причест. Ете, во оваа „сабота“, која како што слушнавме од денешното Свето евангелие „е создадена за човекот, а не човекот за саботата“, по молитвите и застапништвото на светиот Теодор Тирон, нека Севишниот Бог нѐ укрепи во духовните подвизи, нека нѐ сочува неосквернети и нека нѐ просветли за да не бидеме и ние верници како фарисеите само по надворешен изглед, туку и внатрешно и суштински да се преобразиме во подобри личности, да веруваме, не робувајќи на формата, туку живеејќи вистински содржински христијански живот, никогаш не заборавајќи ги Христовите зборови „милост сакам, а не жртва“ (Матеј 9, 13). Овој пост да го поминеме во духот на милоста. Да бидеме милостиви, зошто Спасителот ги уважува милостивите: „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“, гласи едно од блаженствата. Затоа да не постиме само телесно, туку и духовно, бидејќи воздржувањето од храна нема никаква смисла без духовен подвиг, без покајанието и исповедта, без молитвата, без правење на добри дела и без давање на милостиња на оние, кои имаат потреба од наша помош. Сите да се потрудиме да дадеме милост, за да ја добиеме Божјата милост, сега и секогаш и во сите векови. Бог по молитвите на денешниот славеник, светиот Теодор Тирон да нѐ помилува и спаси! Имајте благословен и лесен пост и радосни да го дочекаме Воскресението.
