Торжествено прославен празникот на светиот Николај Мирликиски во градот Штип

На 19 декември 2025 лето Господово, на празникот на светиот Николај Мирликиски Чудотворец, кој е заштитник на Брегалничката Православна Епархија и на градот Штип, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи Света Архиерејска Литургија во сослужение на надлежниот Епархиски Архиереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Стобиски г. Јаков и свештенослужители на МПЦ – ОА, во соборниот епархиски храм “Св. Николај” во Штип. Пригодна беседа одржа Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан. На Светата Литургија присуствуваше многуброен православен народ кој со искрена вера дојде да се помоли и поклони пред моштите на светиот Николај Чудотворец. А по завршувањето на Божествената Литургија, Архиереите заедно со Градоначалникот на Општина Штип г. Иван Јорданов, пратеникот во Собранието на Р. Македонија г. Никола Мицевски, директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска, свештенослужителите и многубројниот православен народ, извршија Литија од соборниот храм Св. Николај до градското шеталиште “Ванчо Прќе” во Штип, каде го благословија и пресекоа славскиот колач.