На 28.08.2026 година, По повод манастирската слава „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф,богослужеше Света Златоустова литургија, во сослужение на митрополитот поранешен Кумановско-осоговски г.Јосиф и свештеници од Тетовско-гостиварската епархија.На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На самиот крај, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Ваше високопреосвештенство, драги браќа и сестри. Денес, во оваа вековна лешочка светиња, срцата ни се исполнети со небесна радост. Го славиме Успението на Пресвета Богородица – денот кога Мајката на Животот преминува во вечноста. Овој ден не е ден на тага, туку ден на победа и радост. Лешочкиот манастир со векови е духовна тврдина и прибежиште за нашиот народ. Денешниот масовен собир е жив доказ дека Богородица не нè оставила. Таа е тука, меѓу нас. Таа ги слуша нашите молитви, ги знае нашите маки и ги брише нашите солзи. Како најтопла Мајка, Таа постојано нè закрилува под својот свет покров. Денес, еве откако ја отслуживме Светата литургија, кога го прекршивме празничниот колач и се застапуваме пред Нејзиниот лик, да побараме од Неа мир во нашите домови и слога во нашите семејства. Да се угледаме на Нејзината смиреност и неизмерна љубов. Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот манастир, да И се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас.
Нека Пресвета Богородица ги благослови вашите домови, нека даде здравје на вашите ближни и нека го чува овој свет манастир во вековите што доаѓаат.
За многу години манастирската слава! Амин!
„Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир
Зоран Богоевски
28.08.2026
1 / 8