Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Вечерна богослужба во Лешочкиот манастир на празникот ,,Успение на Пресвета Богородица "

Зоран Богоевски 27.08.2026

На ден 27.08.2026 Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовско-гостиварската епархија, богослужеше Вечерна богослужба во Лешочкиот манастир на празникот ,,Успение на Пресвета Богородица " кој воедно е и манастирска слава на манастирот. На вечерната богослужба присуствуваа: Министерот за здравство г.Сашо Клековски, генералниот секретар на ВМРО-ДМНЕ г.Драган Ковачки и пратеници во собранието на РМ. На крајот од Вечерната богослужба митрополитот г.Јосиф одржа пригодна беседа на која меѓу другото истакна:
Во оваа приквечерина го започнуваме торжественото празнување на еден од најголемите празници во христијанската црква – празникот на Богородичното успение. Во овие мигови, со молитва започнуваме пристојно и молитвено како што доликува на еден ваков значаен празник да се сеќаваме на настанот на Успението на Богородица, односно на нејзиното заспивање и преселување од земјата на небото. Ние денес, со вечерната богослужба веќе го најавуваме и всушност го славиме земниот крај на Пресвета Богородица. Тој крај ние го нарекуваме и означуваме со терминот „Успение“, а тој термин во себе ги содржи и соединува: сонот, искачувањето, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Богородичното успение, според зборовите на светиот Григориј Палама е „животоносна преселба во небесниот и бесмртниот живот. Тоа радосно Успение, нашиот народ со особена вера и почит од памтивек го прославува овде во Лешочкиот манастирски комплекс. Од ова место, од овој манастир, чија црква е посветена токму на денешниот празник, народот ги пренесува своите молитви на Пресвета Богородица, на нашата Мајка, која и по Своето Успение не оставајќи нè и денес широко го отвора своето мајчинско срце за сите нас своите чеда, кои дојдовме овде во нејзиниот манастирски храм на поклонение, но и за сите оние што со љубов и искрена вера И се молат на нашата вечна заштитничка и закрилница пред Христа Бога. И денес, овде во Лешок се наоѓаме под закрила на Богомајката. Знаејќи го тоа, затоа пред Нејзиниот успенски одар приоѓате со вера и надеж сите вие: стари, млади и средновечни, мажи, жени и деца, кои како апостолите дојдовте од сите страни на Тетовско, од овој регион и од цела Македонија, како и од дијаспората да се поклоните и да се помолите на Богородица. На тој начин поклонувајќи се и молејќи се, гледајќи и слушајќи ние постојано треба да се поучуваме од Нејзината чистота, смиреност и кротост, бидејќи немаме подобар пример за следење и поддржување од ликот и делото на Богородица. Затоа никогаш да не заборавиме на овој ден да дојдеме во Лешок и да се помолиме на Онаа, која од земјата се преселува на небото и Која Го моли Својот Син и наш Бог за сите нас. Гледајќи ве оваа година во голем број, овде во храмот и во манастирскиот двор, ви благодарам за присуството и ви посакувам Божјата мајка да ги услишува вашите молитви во сите денови од вашиот живот. Амин! Нека е за многу години! Богородица со сите вас!