Водици, Богојавление

На 19.01.2026 година, - Водици, Богојавление, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, служеше Света Василиева литургија во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ –Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. По Литургијата, Митрополитот г. Јосиф, изврши голем Богојавленски водосвет во дворот на Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, како и на реката Вардар во Гостивар. На Литургијата проповедаше Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото истакна: Бог се јави! Навистина се јави! Денес се сеќаваме на еден голем и важен настан од Христовиот живот на земјата, на Неговото Крштение. Кога Он навршил триесет години од телесното раѓање, го започнал Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот почеток на тоа го означил со примањето на Крштение на реката Јордан. Како што вели свети Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“. При Крштението Христово се објавила и онаа тајна што во Стариот Завет само се навестуваше, тајната на Божествената Троица. Тогаш како што сведочи евангелистот Матеј, се јавуват сите три Лица (ипостаси) на Пресвета Троица: Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. Денешниот празник е од исклучителна важност. Празникот Богојавление се нарекува и Просветлување. Зашто настанот на Јордан нè просветлува, прво: покажувајќи ни Го Бог како Троица еднобитна и неразделна. И второ: бидејќи секој од крстените во вода се просветлува, бивајќи восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот, со силата на Светиот Дух. Затоа овој празник не е само церемонија и нашето празнување не смее да се сведе само на учествување во световен настан како што за жал се случува во наше време, туку за да учествуваме во радоста на овој празник и за да очистителната жива вода може да го очисти нашето срце – мора да учествуваме со љубов во вистинската заедница собрана на Литургијското богослужение и да не се одделуваме и да не Го забораваме нашиот Бог Господ, Кој ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и го осветил овој свет, давајќи му ја на човекот можноста вечно да живее доколку умре како стар и гревовен човек, а оживее како очистен, обновен и прероден. Ви посакувам убав и радосен ден. Оние кои денес имате именден или куќна слава нека ви е честито и благословено.