Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица - Пречиста

На 04.12.2025 година, на празникот Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На крајот од Литургијата, Митрополитот г. Јосиф одржа пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Денес се сеќаваме на настанот од пред две илјадалетија, кога според Светото предание, со свечена литија предводена од праведните Јоаким и Ана, проследена со голема љубов и непрестајно славословие од многуте ближни, и со неискажлив восхит од ангелите, била воведена Пречистата во храмот. Црквата со овој празник го одбележува крајот на Стариот Завет и на физичкиот и материјален Ерусалимски храм како место во кое пребива Бог, и го означува почетокот на Новиот Завет, каде сега веќе преку Богородица, Невместивиот Христос е сместен во самата Нејзина Пречиста утроба. На овој начин, Пресвета Богородица се предава и посветува целосно на Бога и станува пребивалиште на Воплотениот Бог, мост кој ги поврзува небото и земјата – Бог и неговиот народ. Овој празник како да сака да покаже дека секој човек е создаден да биде храм Божји, да биде носител на Бога. А тоа ни го овозможи Пречистата, Која стана врата Господова. Но, за да бидеме храм Божји, треба и ние малку да се потрудиме. Всушност, од нас се бара многу малку, затоа што поголемиот труд Му припаѓа на Бога, Кој направи сè што беше потребно за нашето спасение: слезе на земјата, нè поучи со Својот пример, се распна заради нас, ја победи смртта и ни ги отвори рајските врати. Сега ние треба само да го отвориме нашето срце за Бога, претходно подготвувајќи Му достоен дом. А како ќе го направиме тоа? – Со очистување на срцето од страстите преку подвиг, покајание и стекнување на добродетели, сè додека нè станеме обиталиште на Светиот Дух. Денес во храмот се приведува Сенепорочна Дева, за да биде живеалиште на Царот на вселената и Бога и хранителот на целиот наш живот; денес Најчесната Светиња, како тригодишно дете, се воведува во Светињата над светињите. И сите на крај во еден глас како и ангелот да и запееме: Радувај се, единствена меѓу жените благословена (Лука 1, 28 ).