Христовиот воин 

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Христовиот воин 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; 

ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.

(Јован 15,20)

Драги браќа и сестри,

Денес Христовата Црква си спомнува и го прославува споменот на големиот Божји угодник и херој, светиот Христов воин, великомаченикот Димитриј, Mироточиви Солунски, чудотворец, кој со своите духовни подвизи успеал да го победи злото и со своето мачеништво да постане свештена жртва за пресветото Христово име. Неговата жртва била наградена и Господ Бог го прославил во целиот православен свет, правејќи го неговото име големо и свето насекаде, па и во нашата земја и во нашиот род. Неговиот спомен денес го прославуваат многу семејства и многу верници. Во чест на светиот Димитриј се изградени и посветени многу храмови ширум нашата Република и сето тоа сведочи за големиот култ, кој овој светител го има кај нашиот верен народ. Овој празничен ден, поради значајноста дури е именуван и со името Митровден.

И ете, денес на Митровден, во храмот посветен токму на светиот Димитрија, овде во нашето Тетово, и ние собрани во голем број на молитва – заедно со православната екумена сведочиме дека „споменот на праведникот – живее вечно“ (Сп. Псалм 36,29 и Мудр. Сол. 5,15) и дека „крвта на мачениците – е семе за нови христијани“ (Тертулијан), кои со својата вера и дела, поучени од животот и делата на денешниот светител сведочат дека секогаш вреди да се живее и да се пострада за Христос Бог. Светиот Димитриј, чиј свет спомен го славиме е прекрасен пример за следење од нас христијаните, пример на ревносен и вистински христијанин, добродетелен, украсен со безброј евангелски дела во текот на својот живот.

Почитувани верници,

Животното житие на светиот Димитриј нè носи во велелепниот Солун, покрај Егејското море, каде што се родил великомаченикот и каде што до ден денес почиваат неговите мироточиви мошти. Накратко, од неговото житие дознаваме дека се родил во христијанско благочестиво семејство, во третиот век, во време кога христијанството и христијаните биле гонети. Од страна на неговите родители бил тајно крстен. По смртта на неговиот татко, Димитриј го наследил во службата и станал градски војвода, односно бил поставен за началник од страна царот Максимијан, кој бил жесток гонител на христијаните. Во една таква општествена состојба, светиот Димитриј како добар христијанин уште поревносно продолжил јавно да ја сведочи Христовата вера и постапувал спротивно од наредбите на царот, кој му наредил да ги гони христијаните. Поради тоа, откако царот дознал за неговиот христијански живот и дела наредил и лично го испитувал за неговата вера. Откако светиот Димитриј и пред него сведочел за Христа, царот наредил најпрво да го затворат, а потоа и да го убијат. Светиот, кој ги помнел зборовите Христови: „Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат“ (Јован 15,20), кои и ние ги слушнавме од денешното евангелие, со радост и без ни најмалку страв ја прифатил наредбата на царот и знаејќи дека ќе пострада го раздал целиот свој имот на сиромашните христијани. Прободен со копја, маченички пострадал за Христа, а на неговите чудотворни мошти до ден се случуваат најголеми чудеса за слава на Троичниот Бог. 

Почитувани верници,

И ние да се поучиме од Димитриевиот живот и да направиме добри дела како неговите кои ќе сведочат за нас и нашата вера и праведен живот. На овој ден – Митровден е и погодна прилика да се запрашаме дали и како живееме христијански?  Дали го сведочиме Христа? – Мерило за тие прашања нека ни биде животниот пат на денешниот светител. Тој пат е е одличен пример за тоа како треба да живее еден православен христијанин, како треба да го сведочи Христа Бога. Секој од нас е повикан да биде сведок на Христос, како што бил и светиот Димитриј, кој сведочел за Бога и за вистината, борејќи се сѐ до смртта, така што пролевајќи ја сопствената крв оставил сведоштво за „тајната на побожноста“ (1Тим. 3,16). Тие сведоци што го дале и загубиле својот живот за верата ние ги нарекуваме маченици, а мачеништвото, драги браќа и сестри – е крајниот настан преку кој христијанинот сведочи за верата во Христос. Според зборовите на еден теолог „маченикот не ја избира смртта, туку го избира начинот на живеење, оној на Исуса Христа“. И ние да го избереме Господовиот начин на живот, да бидеме постојано негови сведоци, бидејќи секој, кој сведочи за вистината, бранејќи ја со зборови или со дела, со право може да се нарече „сведок“. А да се биде сведок Христов треба постојано да се биде подготвен за жртва и сведоштво по примерот на Христов. Христовата жртва и сведоштва треба да се наш редовен  потсетник за тоа што вистински значи да се биде христијанин. А да се биде вистински христијанин значи да се биде добар верник, кој живее според верата и според православните прописи и преданија. 

Ние христијаните, живеејќи во вакви тешки времиња никогаш не треба да не ги забораваме Христовите зборови. Затоа да ги посетуваме храмовите и да присуствуваме на богослуженијата, да постиме, да се исповедаме, да се причестуваме и да живееме со надеж и љубов кон другите. Да си подаваме рака еден со друг и да го исполниме Христовиот евангелски повик „да се љубиме еден со друг“ (Јован 15,17). Да веруваме, да ги поднесуваме животните искушенија и страдања како добри Христови војници и да не се вплеткуваме во светски работи (Сп. 2 Тим. 2,3-4), кои ќе направат робови на матријалното, но да бидеме слободни и достоинствени сведоци на вистинската вера во Христос. 

Нека овој голем светител, Димитриј биде наш заштитник пред Бога и молитвеник за сите нас, а ние да не престанеме во нашиот живот, живеејќи христијански на дело да сведочиме за вистинската вера во Христа на мачениците. Да се сведочи и да се живее христијански не е воопшто помало мачеништво, а маченик е секој кој живее на Христов начин, односно еден богоугоден и христијански живот. Големите страданија и жртви – носат и големи радости, затоа и сите ние да се трудиме да правиме жртви и духовни подвизи, да се распнуваме со Христа, за да и воскреснеме во Неговото царство, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

За многу години нека е храмовата слава!