Возљубени во Господа,

ЈОСИФ,                                                                            

Митрополи тетовско-гостиварски

 

 

         Во црковната и националната историја на македонскиот народ, ниедна друга личност не засветила толку и не оставила таков впечаток, такво дело како свети Климент, Охридскиот архиепископ и чудотворец. Неговата личност, со својата севкупност, направила најголем духовен препород меѓу нашиот народ. Со својата дејност како учител и книжевник, просветител и архиереј, тој ги поставил темелите на нашата духовна просвета, култура и Црква. Во свети Климент имаме севременски национален и црковен стожер во кого се сосредоточени и нашето минато и нашата иднина, имаме лидер кој во себе ги собира времињата и вековите, генерациите и личностите, имаме отец што ни го доближи небото и вечноста.

         И секогаш кога се вдлабочуваме во личноста и делото на овој наш просветител - се прашуваме: што повеќе кај него нè импресионира - дали како мисионер, просветител, учител, книжевник или, пак, архиереј?! И не мораме премногу да размислуваме - во сето ова напоменатото - го имаме свети Климен во полнотата. Но најмногу од сè, меѓу ова, многумина од нас го чусвтвуваме како отец - како духовен татко, како мил и предан архиереј за своето стадо. Тој никогаш не одбивал да поучи, да служи, да се предаде целиот на својот и нашиот Господ, да помогне на своето стадо и на своите ближни, на своите чеда. Не му било одменост да ја слушне маката на своите чеда, да се најде на нивното ниво и меѓу обичниот човек, да им стане слуга за да ги придобие сите за Господа. Од него имаме прекрасни слова и поуки, кои неодамна на современ македонски јазик ги издаде Светиот архиерејски синод, нудејќи го на научната јавност и на обичниот читател.

         Но да не заборавиме една очигледна вистина, еден непобитен факт - сè што творел свети Климент и сите негови подвизи, сето тоа не би можело да се разбере, ниту да се објасни, без името на Христос. Господ Исус Христос бил и останал единствен двигател на Светиклиментовата личност. Затоа, во свети Климент, во светиклиментовото го гледаме Христа и Христовото. Светиклиментови сме зашто сме Христови.

         Затоа, да не ги заборавиме принципите на свети Климент: да бидеме верни на Бога и да го живееме делото на љубовта; ние свештениците да бидеме равносни и предани како нашиот архипастир и архиереј; да го употребуваме доследно јазикот со кој неговите и наши учители, светите Кирил и Методиј, му дадоа смисла на словенството и го истакнаа достоинството на словенските народи од Моравија и Панонија до Киев и Владивосток, па на југ сè до Охрид и Пелопонез; да бидеме добри деца, зашто родителот се радува кога неговите чеда се единствени и сложни; да ја чуваме и слушаме Црквата и  да ги почитуваме одредбите на црковното предание; да ја учиме и воспитуваме младината на вредностите на православната вера, со што ќе ги извадиме од челуста на современиот релативизам и либерализам - а тоа најдобро ќе го направиме ако веронауката ја воведеме како редовен предмет во нашето образование - зашто кој подобро ќе мисли за нас и нашата иднина освен самите ние; да имаме мир и разбирање меѓу себе.

        

         Возљубени во Господа,

         Вакви или слични пораки слушаме на секој празник, на секој духовен собир. Дека сме ги разбрале ќе докажеме доколку покажеме, доколку тоа што сме го слушнале и научиле, го спроведеме во дело, доколку стане наш живот и ние, заборавајќи го и оставајќи го стариот човек, станеме нови - подобри, искрени и почувствителни за луѓето до и околу нас, за Црквата и Татковината.

         Господ да ве благослови и за многу години денешниот празник посветен на свети Климент Охридски - светителот кој треба да го запознаеме и знаеме, да го почитуваме и последуваме, да го прославуваме и чувствуваме како пастир, татко, пријател...

         За многу години!