Неделата на Адамовото изгонување од рајот, ПРОЧКА
На 22.02.2026 г., во Неделата на Адамовото изгонување од рајот, ПРОЧКА, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенсвото од Гостиварското намесништво, отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На Литургијата беседеше Митрополитот г. Јосиф кој меѓудругото истакна: Голема е мојата радост што гледам храм исполнет со верен народ. Се молам вака секогаш да се сретнуваме на молитва во нашите цркви. Остануваат уште неколу часа до почетокот на Светата Четириесетница, на големиот и спасоносен Велигденски пост, и токму во овие мигови, пред почетокот на постот сме на вистинското место, тука во храмот Божји од каде треба и да започне нашата подготовка за дните на постот. Изминативе подготвителни недели, Светата Црква нè повикуваше на самоотценување и тоа преку прекрасни евангелски примери. Денес, пак, е денот кога ние треба сами да се запрашаме што сè сме направиле и како сме живееле во изминатиов период? Престојните часови треба да ги искористиме и да станеме судии на својот живот, за да застанеме пред Бога со длабоки сознанија за својата духовна состојба и признавајќи дека сме згрешиле, да зачекориме во времето на постот. Но, покрај тоа што треба да застанеме пред Бога, ние треба да застанеме и пред нашите ближни, но и пред сите други роднини, колеги, пријатели, другари и останати луѓе на кои сме им згрешиле и да им побараме прошка од нив. Токму затоа и денешниот ден познат во народот како Поклади или Прочка – е од Црквата определен и нагласен како ден на меѓусебно простување на верниците пред почетокот на постот. Овој ден во суштина е ден кога сите ние треба да покажеме на дело една искрена и пожртвувана љубов и следејќи го Христовиот пример – безусловно и безгранично да им простиме на луѓето околу нас, за да можеме вистински и мирно да запловиме во спасоносните води на постот. Вратата на постот на еден начин ни ја отвора взаемното простување. Без прошка и простување човек не може да биде смирен. Од денешното апостолско четиво, ги слушнавме и Павловите зборови: „Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Рим. 13,12). И навистина, откако и оваа престојна ноќ ќе помине, ќе се приближи денот, ќе дојдат деновите на Великиот пост, кога веќе ќе треба да го отфрлиме гревовниот живот и да се здобиеме со добродетели преку воздржание, покајание и молитва. Затоа постот е очекувано и потребно време за сите нас. Тоа е време за конечно себеосвестување, за освестување на човековата природа падната во грев. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот, за влез во тајната на празникот над празниците – Воскресението Христово (Велигден). Затоа, во овие денови кои се пред нас, да се потрудиме да ги смириме страстите и телото, да го концентрираме духот во правење на добри дела, а љубовта кон сите да ни биде главна заповед, бидејќи преку љубовта во човекот се населува самиот Бог, Кој е љубов (1 Јован. 4,8). Затоа, да пребиваме во љубовта – за да и Бог пребива во нас. Тоа е и целта на самиот пост. Да се подготвиме себе си за да го примиме Христа Господа. Се надевам дека постот ќе ни помогне во тоа и дека наредните денови и на празникот Велигден во нас ќе сјае Христовата светлина, која го просветлува светот, сега и секогаш и во сите векови! Амин!
Нека е за многу години овој ден! И денес не заборавајте ги зборовите: Простете! И простено нека Ви е и од мене и од Бога!
