Cветите бесребреници Козма и Дамјан
На 14.07.2023 година, денот на блажениот спомен на светите бесребреници Козма и Дамјан, во храмот св. Петка-Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј Трпе Богојески и протоереј Александар Јанкоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верните чеда со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Денеска, нашата света Црква по празникот Павловден, го прославува денот на светите бесребреници Козма и Дамјан. Овие двајца браќа изучиле вештини да лекуваат луѓе со разни лекарства. Односно, со лекарства кои ги правеле од собирање на лековити билки. Бидејќи имале силна и непоколеблива вера, Божјата благодат делувала врз сите луѓе коишто им се обраќале за помош. Колку што лекувале со разните треви, толку повеќе Бог, поради нивниот свет и праведен живот ја изливал Својата благодат врз нив за да се покаже Неговата сила преку делувањето на овие бесребреници. Уште од самиот почеток, овие свети браќа зеле завет пред Бога дека нема да наплаќаат, ниту пак ќе примаат било какви подароци од луѓето на кои ќе им помагаат во лекувањето на најразличните болести, маки и страдања. Со други зборови, биле свесни и цврсто уверени дека ниту тие, ниту пак нивните треви ја имаат таа сила да лекуваат разни болести, туку, милоста Божја ја излива Својата благодат, а тие се само орудие преку кое делува силата, односно, благодатта Божја. Токму ова сознание ги инспирира на заветот да не наплаќаат и да не примаат ништо во знак на благодарност. И ние денеска, кои сме собрани во нивна чест, да се обратиме кон нив со искрена молитва. Да бидат наши заштитници а и застапници пред лицето Божјо. Преку нивните молитви да ја зачуваме верата, а Бог да ни даде сила и мудрост и ние да се издигнуваме кон височината, кон Божјата правда, па измолувајќи благодат Божја, да наследиме Царство небесно. Денес мојата беседа во овој храм би ја завршил со една мисла од старец Ефрем Филотејски која можам да ја употребам бидејќи може денес немаме вакви лекари како светите Козма и Дамјан, но можеме да се молиме за нашите ближни кои боледуваат и страдаат. Тој вели: Влезете во некоја психијатриска болница за да видите колку многу човечки души страдаат. Ние, пак, кои сме „здрави“ сме повикани да не ги забораваме овие луѓе! Тие не би требало да бидат изоставени од нашите молитви и од нашата грижа. Да Го молиме Бога да испраќа трпение, олеснување, да дава исцеление. Треба да ги земеме на себе страдањата на нашиот ближен. Ако не правиме така, значи немаме љубов! Ако заборавиме на нив, надвор сме од Божјата љубов! Господ им дава испитанија за да ги прими во Своето Царство, но од нас бара да им покажеме сострадалност. Тоа што се затворени таму не значи дека треба и ние да ги напуштиме! Бидејќи и ние исто така би можеле да се најдеме таму еден ден. По молитвите на Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан Господ сите да не помилува.