Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден
На 27.09.2024 година, Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, служеше Света Златоустова литургија во храмот „Св. Петка“ – Гостивар, во сослужение со свештеници од Гостиварското архиерејско намесништво. Пред започнувањето на Литургијата, според Црковниот устав, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, каде што беше воздвижен, а свештенството и верниот народ се поклонија пред духовното оружје, кое е слава на Црквата и поткрепа на верните. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна: Нашите празници, браќа и сестри, не се празници за да се сетиме само формално дека имало некакви настани. Не, ние нашите празници ги доживуваме како да се случуваат во истиот момент кога ги празнуваме. Тоа е суштината на православното празнување на празниците, не само како спомен или сеќавање на нештото, туку како пресно доживување на нештата во моментот. Денеска го прославуваме Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господен. Тоа е празник за целиот свет. Се воздигнува Крстот Христов за да паднат бесовите и да бидат победени. Се воздигнува за и ние да се воздигнеме и да стоиме цврсто. Да гледаме кон небото и да си спомнеме за страдањата Христови. За страдањата кои Он ги претрпе заради нашето спасение и да Му благодариме за Неговата безмерна добродетел кон нас. На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја, Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет. Затоа и ние денеска овде во овој храм во Гостивар, се поклонуваме на Животворниот Крст Господов, благодарејќи Му на Бога за Неговата љубов. Му благодариме затоа што не нè остави и не Го жалеше Својот Единороден Син. Го жртвуваше за да можеме да дојдеме до Него и да се вратиме во Татковиот дом. Драги браќа и сестри, со искрена молитва, со очистено срце, со понизност и смиреност, да пристапиме и да се поклониме пред чесниот Крст Господов и запомнете дека треба да го носиме својот Крст без спротивставување и роптање, бидејќи вистинскиот христијанин никогаш не се противи на божјата промисла. На крај да им честитам именден на сите кои имате име Крсто, Крсте, Крстана. Нека чесниот и животворен Крст сите не заштитува. Амин!