БИДЕТЕ ВИСТИНСКИ ХРИСТОВИ СВЕДОЦИ

БИДЕТЕ ВИСТИНСКИ ХРИСТОВИ СВЕДОЦИ1

Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси,

и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!

Матеј 19,21

Ваше Високопреосвештенство – почитуван ректоре, чесни отци, почитувани

професори и драги ученици,

Со радост и смирение денес стоиме пред олтарот Господов, во оваа дванаесетта

недела по Педесетница, благодарејќи Му на Бога што нè удостои да ја принесеме светата

Литургија, во која повторно нè поучи дека сите ние треба да ги исполнуваме Божјите

заповеди и да се стремиме кон совршенството за да се здобиеме со вечниот живот.

Стремежот кон Царството небесно – што е и цел на нашиот христијански живот и подвиг е

од особено значење за сите нас, кои сме повикани од Бога да ги поучуваме сите луѓе онака

како што и нашиот Господ и Спасител го поучуваше младиот човек од денешното

евангелско четиво – укажувајќи ни и нам дека сите заповеди се темелат на љубовта, и тоа

кон Бога и кон нашите ближни. Таа љубов треба да е темелот на секое наше дело и патоказ

на секој наш чекор. Без неа, знаењето се претвора во гордост, а трудот во празнина. Љубовта

треба да е основа на сè што сме и сè што правиме – како луѓе, како Црква и како заедница.

Особено ми е чест и радост што на почетокот на новата учебна година сме собрани

молитвено и соборно, овде, во нашиот Светиклиментов расадник, и најнапред дозволете да

ја изразам мојата срдечна благодарност до вашиот ректор, а мој собрат, Неговото

Високопреосвештенство Митрополитот г. Агатангел, за љубезната покана и за неговата

постојана грижа и татковска љубов кон вас нашите богослови, кои сте иднината на нашата

света Црква.

Како пред почеток на секоја работа, така и денес, наоѓајќи се на самиот праг на

новата школска година, знаејќи дека без Божјата помош не можеме да направиме ништо,

сите ние, со благодарност Му се обративме на Господа, молејќи Го да го испрати Својот

Свет Дух, Утешителот, врз нас – за да нè просветли, укрепи и упати во вистината и онака

1 Говор по литургијата, 12. недела по Педесетница и на почеток на учебната година вокако што некогаш апостолите, просветлени од силата на Духот, станаа светилници на

светот, така и вие, драги ученици, да растете во знаење, смирение и љубов, за да бидете

светлина и сведоци на Христа во нашето време.

Мили наши духовни чеда,

На денешната Литургија сите ние го слушнавме најнапред апостолското, а потоа и

евангелското четиво преку кои ни се откри една голема вистина: дека спасението не е плод

на човечките сили, туку на Божјата благодат. Евангелието нè поучува дека богатството,

односно врзаноста за земните нешта го прават човекот немоќен да влезе во Царството

Божјо, но Христос нè уверува дека она што е за нас често невозножно, дека: „за Бога сè е

можно“ (Мт. 19,26). А апостолот Павле сведочи дека токму оваа сила Божја се пројави

најпрво во воскресението на Господа, Кој умре и воскресна за нашите гревови, а потоа и во

неговиот сопствен живот – зашто, како што вели: „Со благодатта на Бога сум тоа што сум,

и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив;

само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“ (1 Кор. 15, 10).

Затоа, возљубени, и ние, како апостолот Павле да се трудиме да ја примиме таа

благодат не само со збор, туку и да ја умножиме во нашиот живот; да не се приврзуваме за

минливото, туку да го следиме Христа со вера и со дела. Вистинското богатство не е во

големината на нашиот имот, туку во воскреснатиот Господ; и вистинското достоинство не

е во човечката слава, туку во нашето постојано сведоштво на Евангелието. Така и вие, како

идни служители на Црквата, времето во Богословијата искористувајте го да напредувате во

верата и знаењето, постојано имајќи на ум дека Христос е темелот на верата, а благодатта –

е таа сила што нè води.

Почетокот на учебната година секогаш е нова надеж, нов повик и нова можност за

напредок во знаењата и секако во нашиот духовен подвиг. Секој ваш труд, секое ваше

читање и секоја ваша молитва, се важни за да ја изградите вашата пастирска душа. Но таа

градба ќе биде здрава и силна само кога е основана врз Христа, „каменот аголен“ (Еф. 2,20).

Затоа, млади богослови, учењето и знаењето во Богословијата не се само стекнување на

информации, туку вградување на вечните евангелски вистини во нашите срца и души.Никогаш не заборавајте дека вашето учење не е само стекнување знаење, туку пред сè пат

кон сведоштво. Секој стих од Евангелието, секоја лекција од Светите отци, секоја молитва

што ќе ја изговорите, се градбени камења на вашето идно служење. Денес и Вам како на

младиот човек Христос ви вели: „Ако сакаш да бидеш совршен, врви по Мене!“ – и тоа е

вашиот вистински повик.

Возљубени,

На тој пат кон просветлението и Вам како апостолите нека Ве води Светиот Дух. А

тука како соработници на Пресветиот Дух во делото на Вашето образование го имате и

почитуваниот ректор и ценетите професори, кои со голема љубов и елан посветено ќе Ви

ги пренесуваат и објаснуваат сите тајни на нашата православна вера. Нив слушајте ги и

бидете им послушни, со ревност учете и живејте го тоа што го примате од нив, за да бидете

вистински Христови сведоци.

Уште еднаш да Го помолиме Бога да Го испрати Светиот Дух врз сите нас, за да биде

оваа учебна година благословена, плодотворна и исполнета со духовни и образовни успеси.

Господ да го награди трудот на нашите професори, и да го освети секој ваш духовен подвиг,

а на сите нас да ни подари вера жива и љубов нелицемерна. И над сè да не забораваме дека

целата мудрост на овој свет останува празна ако нè води кон љубов кон Бога и кон човекот,

која секогаш се изразува во служење – во служењето на Црквата, на народот и на ближниот.

На крај уште еднаш упатувам благодарност до нашиот Митрополит Агатангел за

пастирската грижа и љубов. Нека Господ го укрепува во неговото архиерејско служење за

спасение на народот Божји.

Нека благодатта на Светиот Дух биде со сите нас, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.