ДА ЈА ОСМИСЛИМЕ ИЗОЛАЦИЈАТА

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

ДА ЈА ОСМИСЛИМЕ ИЗОЛАЦИЈАТА

Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина

(Марко 10,45) 

Драги браќа и сестри,

​Оваа петта недела од Великиот пост, Светата Црква ја посветила на светата пустиножителка Марија Египетска, која во Јорданската пустина поживеела аскетски животскоро пола век, оплакувајќи ги своите гревови и просејќи прошка од Господа Бога за својот неморален живот. Нејзиното име, изминативе денови беше спомнато повеќе пати од страна на повеќе верски лица, теолози, познати отци и епископи и тоа во меѓусебните дебатирања, како и во своите обраќања и во слова кон верниот народ упатени како утеха во ова тешко време на искушенија, кога сите ние времето го поминуваме во изолација во нашите домови како еден вид на борба против заразната болест, предизвикана од вирусот наречен корона. Примерот од житието на света Марија Египетска, но и животот на многу други пустиножители е мошне поучен. Особено овие денови е актуелен нејзиниот долг пустиножителски подвиг, кој е одлична компарација и добар одговор на прашањето за тоа дали може да се спасиме ако не го посетуваме редовно храмот.

И навистина во една ваква тешка ситуација, кога мерките за заштита, нашата лична совест и одговорност не ни дозволуваат да бидеме физички сите заедно во овој неделен ден во храмот Господен на молитва и кога поради тоа сме тажни – не можеме да најдеме подобра утеха, мотиви сатисфакција од животниот пример на светата Марија, која иако била во еден вид на самоизолација скоро цели 50 години, сепак тоа во никој случај не ја спречило духовно да напредува и да биде со Бога, туку напротив таа искористувајќи ја изолацијата на вистински начин, пред сѐносејќи го Христа во своето покајничко срце, посветувајќи го времето за себесогледување, преку својот аскетски подвиг исполнет со искрено покајание, со молитви се доближила до Бога, Кој ја овенчал со венецот на светителството и вечното блаженство кон кое се стремиме иние.

Мили мои,

На патот кон вечното блаженство секогаш има безброј пречки и искушенија. И ова што ни се случува во денешницата е едно искушение, кое со вера, со надеж и со љубов треба да го победиме. Затоа во овие моменти на криза на целокупното општество ширум светот, ние не треба во никој случај да дозволиме да паднеме во очајание и безнадежност, туку треба постојано да Му благодариме на Бога за сите искушенија, кои по Негово допуштение ни се дадени за наше поправање. Тие се еден вид потсетување дека сите сме скршнале од вистинскиот пат, од патот кон Небесното царство, чија насока е отворена постојано за нас. Не треба да тагуваме, туку треба да се потрудиме да ги надминеме сопствените грешки, маани и слабости. Во тоа ќе ни помогнат житијата на светителите. Имаме доста примери како големи грешници станале големи светители. Токму животот на нашата денешна светителка е еден таков пример. Да тргнеме од нејзиниот животен пример и во овие мигови, сеќавајќи се на нејзиниот живот да се поучиме како и ние треба да го живееме животот, а особено како да го поминуваме ова време, кое несомнено внесе една голема промена од нашето живеење во претходниот период. Мора да признаеме дека повеќето од нас тешко ја прифаќаат оваа промена, бидејќи животните навики во ова современо општество ги одвикнале од смирен и трпелив живот, од тивок живот. Изминатиот период можеби како никогаш досега, целокупното човештво потонато во гревовните страсти заборави на Бога, на црквата, на семејството. Човекот се отуѓи од ближните и стигна до таа мера да заборави да се погрижи дури и за себе си. Но, ете само еден миг беше потребен за да се освестиме, малку да закочиме и со трезвени очи да погледнеме во убавината на светот и да ја спознаеме вистинската вредност во животот и неговата важност, како што тоа се случило и со светата Марија кога на празникот Крстовден во Ерусалим доживеала целосен пресврт во својот живот и навики. Ако внимателно го прочитаме нејзиното житие, ќе прочитаме еден животописна два дијаметрално спротивни начини на живот. Накратко, света Марија достигнувајќи ја бездната на гревовите, на повикот од Бога, направила голема промена на својот неморален начин на живот и напуштајќи ги сите светски задоволства, се повлекла во Јорданската пустина, каде успеала да ја достигне височината на побожноста и добродетелите.

Почитувани,

И ние треба поактивно да го следиме примерот на света Марија и да Го прифатиме Божјиот повик за наше духовно будење, бидејќи никогаш не е касно за тоа. Овој период, кога сме на еден вид духовен тест, потребно е нашата вера на дело да ја покажеме преку послушност кон Светата Црква, кон црковните отци и пастири, прифаќајќи ги смирено одлуките, кои се носат за доброто на сите нас, а не со осудувања и клеветења. Дните, пак поминати во изолацијаво ова вонредна состојба, ако го прочитаме житието на света Марија ќе сфатиме дека се прекрасна можност да се доближиме до Бога. Тоа време е одлична прилика за себепознание и покајание, како и за молитва, а тие три работи ни се единствено потребни во овој период, зауспешно го завршиме постот, и за очистени од гревовите да го дочекаме Христовото воскресение. Но, пред часот на Воскресението потребно е сите ние да се искачиме на Голгота, потребно е храбро да ги пребродиме сите искушенија на тој пат, бидејќи „Царството небесно се зема со сила, и силните го грабаат“ (Матеј 11,12), а силата се состои во цврстината на нашата волја, како и во решителноста да се промениме, од желбата денес и утре да станеме подобри личности од вчера. 

За да постанеме подобри личности потребно е да се потрудиме да ја прифатиме Божјата волја и да имаме искрено покајание како света Марија за да ја здобиеме Божјата милост и благодат. Оваа недела, всушност и на некој начин нѐ потсетува на големото Божјо човекољубие кон оние, кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Во евангелието на повеќе места и во повеќе параболи ни е претставено човекољубието Божјо. Ќе набројам само неколку примери. Ќе започнам од зборовите во денешното евангелско четиво: „Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10,45). Потоа, апостолот на љубовта, возљубениот Христов ученик Јован вели: „Зошто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. (Јован 3,16). Од овие зборови треба да ни е јасно дека Всемудриот Бог, Седржителот го чува, запазува и ќе го спаси светот и човекот и никогаш нема да нѐ остави, бидејќи Тој дојде единствено „заради нас и заради нашето спасение“ (Символ на верата). Он особено се радува на нашето покајание, па евангелистот и апостол Лука, преку евангелието интегрално ни ги пренесува Христовите зборови: „Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење“ (Лука 15,7). – Поради тоа, драги христијани, овие богомдаровани дни кога нашите домови алегориски претставуваат пустина во која ние сме во самоизолација да ги искористиме за созерцание на нашата душа и за увидување колку гревови се наталожиле во неа, за длабоко покајание  и преумување за да и ние бидеме причина за радост на небото. Да не се плашиме, туку „молејќи се постојано“ (сп. Сол. 5,17) и со трпение да ги спасуваме нашите души, испросувајќи ја Божјата неискажлива милост и неизмерното човекољубие кон нас, кое никогаш не престанало и нема да престане, бидејќи нашиот „Бог е љубов“ (1 Joван 4,8). На таа Божјаљубов – да одговараме секогаш со љубов, а да се љуби Христос по зборовите на светиот Симеон нов Богослов, искажани во неговото дваесетто слово: „не значи ништо друго од тоа да се исполнуваат Неговите заповеди, како што самиот Тој логосел: „кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној кој Ме љуби“ (сп. Јован 14,21).

Возљубени,

Доколку сакаме и ние да пребиваме во Божјата љубовтреба да ги исполнуваме Божјите заповеди. Седејќи во нашите домови да се потрудиме да ги отфрлиме страстите, кои не обременуваат и тоа најповеќе: зависта, гордоста и егоцентризмот. Најдобра терапија за лекување на тие страсти е молитвата. Затоа во овие тешки денови на претпазливост од коронавирусот – нашите домови нека постанат место за молитва, место од кое ќе одекнуваИсусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме!“. Дури тогаш изолацијата ќе ја добие својата смисла. Својата смисла изолацијата ќе ја добие кога таа ќепостане подвиг. Таква била изолацијата на светатапустиножителка Марија, чиј пример на осамување, според зборовите на Рускиот патријарх Кирил „ќе ни помогне да ја разбереме важностa на осамувањето во нашите лични пустини, во нашите станови“. Во овој момент аналогно на зборовите на патријархот ми доаѓа една добра мисла, која би ја споделил со вас во врска со нашата состојба и со нашите моментални лични пустини – нашите домови. На едно место прочитав дека има разлика дали вие сте во пустина или пустината во вас. Да го одбериме првиот дел од фразата иние како светата Марија Египетска да престојуваме во пустина, односно во нашите домови, практикувајќи го нашето духовно правило, постот и молитвата, за да никогаш не дозволиме пустината, односно „мерзоста на запустението“ (Матеј 24,15) да навлезе во нас.  Во овие денови кога сме одвоени од околината и сме социјално дистанцирани без можност за физичко присуство на богослужението во храмот – да го следиме примерот на светата Марија Египетска, да ја искористиме оваа осаменост за да направиме добар духовен подвиг и воедно, да ги почитуваме мерките за претпазливост за да се заштитиме и себе си и за да ги заштитиме нашите ближни, за да сите заедно Го прославиме Троичниот Бог, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

По молитвите на светата пустиножителка Марија Египетска, Бог да не заштити од оваа подмолна заразна болест!