КЛИМЕНТОВИТЕ ПОРАКИ НЕ ИЗДИГНУВААТ
КЛИМЕНТОВИТЕ ПОРАКИ НЕ ИЗДИГНУВААТ
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ваше блаженство, Ваши високипреосвештенства, Ваше преосвештенство, почитувани претставници од државните институции, драги браќа и сестри,
Не ми е прв пат на овој серадосен ден да стојам на ова возвишено место и да беседам за великиот наш Климент, патронот и заштитникот на нашата Света автокефална Помесна православна црква. Секогаш кога сум застанувал на ова место на овој голем празник за Македонската православна црква – Охридската архиепископија и за нашата држава Македонија, сум чуствувал свештен трепет, не дека нема што да се каже, но поради свесноста дека денес јас треба да говорам за најголемиот и најважниот, кој живеел и дејствувал на македонските простори. Тоа го чуствувам и денес, но истовремено и сега и во минатото ми било предизвик да говорам за личноста поради која денес сме тука во неговиот и наш Соборен храм, на ова највозвишено литургиско свештенодејствие предводено од наследникот на тронот Светиклиментов и од нас архиереите и свештениците, а секако во присуство на нашиот православен народ, кој и после цели 1108 години од упокојување не го заборавил споменот Климентов, не го заборавил „споменот на праведникот“, не ги заборавил Светиклиментовите пораки, вредности и идеали, кои се постојани, неизменливи и секогаш важни не само за македонскиот народ и за македонската црква и држава, туку тие се универзални пораки, бидејќи се евангелски и како такви тие допираат до душата на секој еден верник.
За свети Климента кај нас досега е напишано многу и навистина и од ова место е говорено многу, а и во иднина сум сигурен дека ќе се говори многу, а за еден духовен великан и предводник на духовната обнова на христијанството на овие наши простори и вреди да се зборува. Тој не само што е вечна инспирација за нас теолозите и свештениците, како монах, свештенодеец и епископ, како врвен мисионер и „добар пастир“, тој како сеизградена личност, како предводник на тогашната заедница е една неизцрпна ризница и вечна инспирација и за историчарите, кои постојано го анализираат неговиот живот и неговата улога во едно далечно време, за археолозите, кои сеуште го истражуваат неговиот манастир на Плаошник, на книжевниците и лингвистите, поради неговата љубов кон словенските букви, кон словото и писанието, кон продолжувањето на Кириломедотиевото дело, потоа Климента е инспирација и на просветните работници, на нашите учители, бидејќи тој бил постојан учител не само во верата, туку пред сè во писменоста, како основоположник на познатата Охридска школа или универзитет во тоа време, каде не само што ги просветлувал и описменувал луѓето, туку пред сè тој ги воспитувал како да бидат подобри луѓе, ги оплеменувал да тежнеат кон доброто, односно да се богоуподобуваат со цел вистински да го реализираат својот живот овде на земјата, но тој ги учел и на други работи важни за подобрување на секојдневниот живот, почнувајќи од тоа како да ја обработуваат земјата и да ги калемат овошките, со еден збор кажано, во се што правел и каде и да одел – свети Климент како пастир и душегрижник никогаш не го заборавал своето доверено стадо – народот Божји.Сеодано служејќи Му на Троичниот Бог, Климент како епископ секогаш ги имал на ум Христовите зборовите: „Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене“ (Јован 10,14), кои ги слушнавме од денешното евангелско зачало, а кои Климент ги практикувал на дело во неговото архиерејско служење и мисија.
Почитувани,
Свети Климент е христоподобна личност, кој постојано се трудел во своето пастирствување да се уподопува на добриот Пастир – Христос, а верниот народ, поради тоа го препознавал него како свој епископ и отец, како свој црковен предводник. Но свети Климент не бил само црковен, туку тој бил и вистински општествен предводник.Со сите свои делувања помеѓу својот народ со право можеме да кажеме дека тој е најзначајна личност во целокупната наша историја, столб на македонската култура и на моралната совест. Со своите дела и заложби успеал да го реорганизира црковниот живот, започнат на овие наши македонски простори уште во апостолско време, засеан од апостолот Павле, продолжен да се негува од низата знајни и незнајни епископи, за да неколку века после датирањето на познатата Јустинијана Прима, стигнеме до Светиклиментовата епископија. Благодарение на светиот Климент биле обновени традициите на претсловенскиот Лихнид, а поради неговата големина и дејност како просветител и мисионер, врз чиј култ, традиции и предание потоа е основана Охридската архиепископија - се смета за основоположник и патрон на Охридската архиепископија.Тој е наш закрилник пред Бога и неизбришливо е вграден дел од нашиот идентитет како народ и земја. Тој е чувар на нашите посебности и затоа македонскиот народ го прославува неговиот свет спомен.
Возљубени празникољубци,
Славејќи го неговиот празник, сите ние треба да се запрашаме дали доследно чекориме по неговите препораки, дали застрануваме од аманетот Светиклиментов и од неговите традиции и предание, дали го чуваме неговото наследство онака како што прилега за патрон на нашата МПЦ-ОА. Како народ, како црква и држава треба постојано да црпиме инспирација од делата Светоклиментови и од неговите пастирски поуки, бидејќи тој како добар и сестран пастир треба да ни е идеал и постојан пример за следење. Ако сакаме да опстоиме како народ треба да го чуваме Светиклиментовото наследство и да ги практикуваме неговите совети. Во таа смисла, ќе споделам еден препознатлив Климентов совет. Во една од своите проповеди, поучувајќи го доверениот народ изрекол една многу едноставна и длабоко морална мисла, која гласи: „Тргај се од злото и прави добро“. Оваа етичка порака, покрај многуте други пораки ја издвоив поради нејзината непрестајна вредност и како таква таа треба секојдневно да ја практикуваме во нашиот живот и во нашето функционирање во општествената и во црковната заедница. Сите ние треба да се трудиме да постануваме од ден на ден подобри луѓе, бидејќи само со добрина човекот е вечен. Злото го оддалечува секој човек од вечноста и од другите луѓе. А денес, нажалост сме сведоци дека злото не само во нашата држава, туку и глобално се умножило во едни големи размери. Злото, кое е сконцентирано насекаде околу нас во разни појави води кон уништување, навредување, создавање штета, вознемирување. Затоа треба да бегаме од злото и лошите дела, а да правиме добро и добри дела, за да ние и целата наша Татковина стане подобро и просперитетно место за живеење, држава во која во согласност со свети Климентовите пораки и идеали ќе владее правото, традиционалните морални вредности, хуманоста и солидарноста како плодови на нашите добри дела. Како христијани треба да се трудиме преку верата и добрите дела, низ еден постојан духовен подвиг и живот, индивидуално и како заедница да се изградуваме најнапред себе си во добри и нормални личности, за да и нашетоопштеството и државата станат подобри места за живеење, места каде што ќе се почитуваат и следат делото и традициите на нашиот најголем учител Климента. А неговото дело вистински ќе го почитуваме само тогаш кога ќе го избегнуваме злото, а ќе правиме добро, кога сите заеднички ќе се трудиме како светиот Климент да твориме добри дела достојни за издигнување на себе си, на нашата држава и црква.
На крај од ова мое денешно слово по повод одбележувањето на делото на патронот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Свети Климент Охридски дозволете од ова место на сите наши верници и граѓани во државата и во дијаспората да Ви го честитам овој голем семакедонски црковно-државенпразник. Нека е за многу години, а нашиот небесен закрилник, Светиот Климент постојано нека Го моли Бога за нас!