Маченичката љубов1
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски храм „Свети вмч. Георгиј Победоносец“ во с. Мала Речица –Тетовско – општина Тетово, на 06. 05. 2019
Маченичката љубов1
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.“
(Јован 15,17)
Драги браќа и сестри,
Само по една недела од празникот над сите празници – Воскресението Христово Велигден, веднаш по Томина недела, денес се наоѓаме во манастирскиот комплекс посветен токму на светиот великомаченик Георгиј, чиј спомен денес сите ние го празнуваме овде во Мала Речица, во овој храм, кој по молитвите на денешниот славеник прерасна во една вистинска црковна заедница, која во духот на верата напредува во духовноста. Многу сум радосен што ете повторно на покана на манастирскиот одбор се наоѓам во овие пасхални денови помеѓу Вас и што можам да Ви кажам збор два за денешниот светител и закрилник на овој манастир. Како што сите знаете светиот великомаченик Георгиј Победоносец се родил во Кападокија, во семејство на богати и благочестиви родители. Воспитан со добродетелите на христијанството уште од семејството, и како војник на светиот Георгиј на прво место му била верата во Троичниот наш Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух. Тој имајќи ја во себе христијанската љубов и искреност, воопшто не се исплашил од суровоста на гонителот на христијаните – царот Диоклецијан, туку истапил пред него и во духот на апостолската вера, во духот на неговите предходници, на апостолските мажи и на самите апостоли, јавно исповедал дека е христијанин, воопшто не плашејќи се од последиците и од смртта. Срцето кое е исполнето со вистинската љубов и искреност – нема место за страв. Така и светиот Георгиј бестрашно ги поднел страданијата за Христа. Тој не ги заборавил Христовите зборови од денешното евангелие: „...ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат (Јован 15, 20), но тој во тие мигови не ја заборавил ниту маченичката смрт на „Јакова, братот Јованов“ (види: Дела ап. 12,1-11), како ниту Петровото затворање што се случиле во времето на царот Ирод како што слушнавме од денешното апостолското честиво. И сето тоа го охрабувало овој маченик кој својата љубов кон Христа Воскреснатиот маченички ја посведочил во 303 година.
Возљубени,
И по толку години и векови поминати од маченичкото страдање на светиот Георгиј, па сè до ден денес, во овој свет и не е нешто многу променето. Христовите зборови: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ и денес се живи и се исполнуваат секојденевно во оваа општество, кое не ништо подобро од времето на Римската империја, бидејќи и денес како и тогаш царува неверието, паганизмот и безбожието. Денес е настапено времето на лудоста, времето како што сведочи денешното евангелие: „кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба (Јован 16,2). И како резултат на тоа имаме христијани кои маченички пострадуваат за Христа Бога. Но наспроти нив, наспроти маченичката љубов кон Христос Бог – наспроти најголемата потврда, сведочење и исповедање на верата, на другата страна од светот се соочуваме со сосема спротивното... Ако на Блискиот Исток и во Африка секојдневно, иако се гонети христијаните – тие во полнота ја сведочат верата Христова, на Запад во слободните и демократски општества христијаните во поголем број ја профанисуваат верата, уживајќи во хедонизмот, забораваат на Црквата и како резултат на тоа, од недостаток на љубов и искреност, од заљубеноста во своето – јас – тонат во мракот на гордоста, монотонијата и депресијата, која не трпи мачеништво, милост и жртва за другиот, но која нажалост раѓа – самоубиство. Сите ние сме сведоци и секојдевно слушаме од медиумите дека некој млад живот е самоодземен, а пак на Исток дека некој извршил терористички напад. И причината за сето тоа е духовна. Тие проблеми се појавуваат како резултат на немање на љубов и вера во Бога. Оној што верува и љуби никогаш нема да убие друг, ниту пак да се убие самиот себе, но тој што не верува во Бога, во Христовото воскресение, а сите надежи ги полага во своето јас – од тој човек може се да се очекува... Затоа денес како никогаш не треба да заборавиме дека она што го прави човекот свет е љубовта. Љубовта е таа која нам како народ единствено ќе ни помогне, да се сочуваме себеси и другите околу нас, како и верата во Бога, Кој преку денешното евангелие нè поучува, велејќи: „Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.“ (Јован 15,17). Само на тој начин, кога ќе пребиваме во Христовата љубов – ние ќе почуствуваме вистинска радост, која не изчезнува! Само тогаш нема празниците наместо со присуства на богослуженија да ги заменуваме со патувања – за што бевме сведоци минатата недела. Само тогаш нема да дозволиме световното да ни го замени светото. Нема да дозволиме страдањето да не уништи, туку страдањето преку жртвата и милоста ќе го искористиме да ни донесе радост, нема да дозволиме ниту апатијата и мрзата да не остави во кревет и да не одалечи километри од нашиот храм. Затоа од овде од овој дом на љубовта, од домот на нашиот Бог, Кој е љубов (сп. 1. Јн. 4,8) – денес да излеземе со љубов кон секого и таа љубов да биде наше сведоштво за нашата вера, која е вера на љубовта. Да запаметиме дека без љубов не сме Христови и не сме христијани. А делата на љубовта се: почитта, разбирањето, искреноста жртвата, грижата, милоста. Насекаде да ги сведочиме – тие дела и тоа ќе биде нашето најголемото маченичко сведоштво на денешницата. Поседувајќи ги овие добродетели – сигурно и ние како светиот Георгиј на злото ќе одговориме со љубов, и ќе можеме вистински да ја сведочиме нашата вера, сега и секогаш и во сите векови! Амин!
Во овие празнични мигови чуствувам потреба да се заблагодарам на Манастирскиот одбор, кој од година во година ги зголемува делата на љубовта и како резултат на тоа овој манастирски комплекс прераснува во благопријатно место за молитва за сите нас... Ве охрабрувам да продолжите на овој спасителен и воскресенски пат сите Вас, кои денес дојдовте во овој храм да му оддадете почит на светиот Георгиј! По неговите свети молитви, Воскреснатиот Христос Бог да нè помилува и спаси!
Христос воскресе!
За многу години!
1 Беседа изречена на Литургијата во манастирскиот храм „Свети вмч. Георгиј Победоносец“ во с. Мала Речица –Тетовско – општина Тетово, на 06. 05. 2019 (Светиот великомаченик Георгиј Победоносец - Ѓурѓовден).