ОБРАЗОТ СЕ ПОЧИТУВА ЗАРАДИ ПРАОБРАЗОТ

† Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски

 

ОБРАЗОТ СЕ ПОЧИТУВА 

ЗАРАДИ ПРАОБРАЗОТ

 

 

Возљубени во Господа, 

Се собравме за да ги осветиме новоисликаните фрески и да отслужиме Света Божествена Литургија во овој прекрасен храм, во овој тетовски и македонски бисер меѓу црковните градби, подигнат на почетокот од минатото столетие, а посветен на великаните на македонската и сесловенска писменост и, пред сѐ, рамноапостолни проповедници на христијанската вера, големите светители и просветители Кирил и Методиј; дојдовме во овој молитвен дом, кој цело столетие служи како централен тетовски дом Божји, и кој, веруваме, додека Македонецот битува и додека векот векува, ќе продолжи да биде место во кое тетовчани ќе доаѓаат за да се молат и за да се црквуваат, и во кој тетовското православие ќе продолжи да опстојува и да се чува. 

Затоа, најнапред да Му принесеме благодарност и восхвала на Бога, што еве, точно 120 години откако биле положени и осветени темелите на храмов, и безмалку 100 години откако е извршено осветувањето на истиот, денес се удостоивме со радост да го видиме потполно завршен, зашто секој храм бива цел, само кога ќе е целосно фрескописан!

Исто така, му благодариме и  на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, за поканата, заедно со Митрополитот Брегалнички г. Иларион, да учествуваме на денешново торжество. Воедно, му изразуваме честитки зашто успеа да го доразубави овој храм, како што во своето досегашно десетлетно трудољубиво архипастирствување на од Бога доверената му Тетовско-гостиварска епархија, успеа да  изгради и епархиско седиште во Лешочкиот манастир и да започне со целосно реновирање на стариот манастирски конак. За пофалба е и што Митрополитот покажува голема грижа и активности за заштите и доградба на повеќе храмови во епархијава, со што тој продолжува по стапките на своите епархиски претходници и по стапките на сите мудри македонски и македонољубиви поколенија, архијереи и црквољубиви ктитори кои, градејќи цркви и манастири ширум македонската земја, неа ја преобразиле во земја ‒ црква и манастир, во земја ‒ крст и икона! Тоа се потврдува со градбите во сите изминати 20 христијански векови: со остатоците од ранохристијански базилики со прекрасни мозаици, со градбите од времето на светите Климент и Наум, со манастирите во Велјуса и Водоча, во Курбиново и Нерези, со Перивлепта, Нагоричане, „Свети Никита“, Лесново, како и со убавините од преродбенскиот период, па сѐ до бројните храмови и манастири коишто се изградија и се градат во нашево време!

Се разбира, им благодариме и на зографите, професорите Венко Цветков и Зоран Бошковски, кои изобразиле фрески чијашто убавина ѝ доликува на убавината на архитектурата на овој храм, фрески коишто ќе им помагаат на верните во молитвата и во издигнувањето на срцата  нагоре ‒ кон небото, како и што се молиме на Светата Литургија. А токму тоа е, се разбира, смислата на иконите и на фреските ‒ да ни помагаат во молитвеното општење со Бога, во просењето на застапништво кон Пресветата Богородица и кон светиите, во претчувствувањето на царството небесно веќе овде, на земјата. 

Иконите и фреските не се „уметност заради уметност“, туку се, како што вели еден руски мислител: „умозрение во бои“ . Па, како што Евангелието и делата на светите отци со слово ни говорат за основните догматски вистини за Бога и за основните етички вистини за човекот, така иконите и фреските тоа ни го говорат без зборови, на живописен начин. Затоа е и речено дека иконите и фреските се како отворена Библија!

Оттаму, на најзначајниот собор свикан за да се заштити почитувањето на иконите ‒ Седмиот вселенски собор, одржан во Никеја во 787 година, отците учесници го одбраниле иконопочитувањето, истакнувајќи дека: „Она што словото ни го соопштува преку слухот, тоа живописот го покажува молкум, преку изображенија“ . Затоа и светиот Јован Дамаскин вели: „Ако некој ти пријде и ти рече: покажи ми ја твојата вера... ти одведи го во црква и постави го пред светите слики“ .

Инаку, дека животот на верниците е незамислив без светите икони и фрески ни сведочат и археолошките наоди. Од нив дознаваме дека христијанскиот живопис е стар колку и самото христијанство. Имено, уште во првите храмови, во катакомбите од првовековиетo на Црквата, сретнуваме ликови на Христос, како и ѕидни симболични претстави, „со евхаристиски израз, како: чаша, риба, агнец, кошници со лебови, лоза, птица како колва грозје“ . Toj евхаристиски, односно литургиски поттекст, ни посведочува зошто православниот фрескопис и иконопис светиите ги претставува не на реалистичен, портретен начин, туку во нивниот преображенски, облагороден и обожен облик. Имено, иконата, како што пишува познатиот руски иконописец и иконолог Леонид Успенски е „изобразување на човекот во кој реално пребива сеосветувачката благодат на Светиот Дух... А бидејќи благодатта го просветува целиот човек... иконата го претставува токму таквиот човек ‒ човекот како жива икона, како подобие на Бога“ .   

Оттаму, како што православниот храм во својата целост е нешто многу повеќе од само дом за молитва – тој е приказ на целиот свет, не оној гревовниот, хаотичен, раздробен на делови, каков што го гледаме, туку на светот собран во едно и преобразен од Божјата благодат, така и фреските на ѕидовите од храмот и иконите на храмовиот иконостас се многу повеќе од само визуелна книга за неупатените. Имено, на ѕидовите од храмовите, како што гледаме во овој велелепен храм, ни е прикажана конечната победа на Богочовекот над оној што се обидува човекот да го расчовечи и ѕвероуподоби, прикажан ни е човекот онаков каков што бил наменет да биде ‒ обестрастен и богоуподобен. И токму преку изгледот на фреските и иконите можеме да направиме споредба со состојбата на човекот во светот. Така, паднатиот, огревовен човек е налик на затемнета икона или фреска, од која не зрачи светлина и чијашто првобитната чистота и убавина е затскриена. Но, како што потемнетата икона може да се  очисти, та да засветли во својата првосоздадена красота, така и човекот ‒ ако вистински сака да се подобри, може да доаѓа во храмот Божји, да застанува во молитва, оддавајќи се на искрено покајание пред иконите и фреските на светиите, што ќе му помогне да се преобрази и, секако, стоејќи пред ликот на Христа, да може во своето срце, заедно со апостолот Јован, да каже дека ја видел славата Христова, слава како на Единороден од Отецот .

Ете, затоа, конечно, и постојат иконите ‒ за да ни помогнат да ја видиме Божјата слава и да нѐ внесат во неисцрпливите длабочини на молитвата, во духовната состојба во која, бивајќи во храмот ќе можеме да си речеме: Господи, добро е да бидеме овде  и, излегувајќи од храмот ќе можеме да речеме, по примерот на царот Давид: Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името Негово .

Па така, возљубени во Господа, да се радуваме што отсега овој преубав храм ќе продолжи да повикува на молитва и на преобразба и преку своите фрески, кои ќе напомнуваат дека наспроти сѐ позасилените безбожни пропаганди на таканаречените борци за современи вредности, постојат и други, вистински, возвишени, божествени вредности, коишто неспоредливо ги надминуваат оние на секуларното, од Христа отпаднато општество, и кои му ја покажуваат на човека преобразувачката светлина и радост што ја здобива секој што живее во Господа. 

И навистина, како што е речено, „во периодот на иконоборството Црквата се борела за иконата, нo во наше време, иконата се бори за Црквата“ , се бори за да ја покаже вистинската цел на човекот, да покаже дека Бог е со нас, и дека, доколку бидеме и ние со Него, таворската светлина ќе засветли во нашите души. 

Затоа, да ги љубиме светите икони и фрески и, оддавајќи им почит на ликовите насликани на секоја од нив, а преку молитвата, верата и добрите дела да се приближуваме и да се уподобуваме до нивниот праобраз! 

Честит денот и вековит чинот, а Светата Литургија на здравје и спасение! Амин!