Постот – пат до изгубениот рај

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

Постот – пат до изгубениот рај

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Не собирајте богатства на земјата...,

но собирајте си богатства на небото...

(Матеј 6,19-20)

Драги браќа и сестри,

Денес, на самиот почеток од месец март, во оваа четвртата и последна подготвителна недела пред Великиот пост, која е наречена уште Недела на простувањето или Сиропусна недела, Светата Црква си споменува за изгонувањето на нашите прародители од рајот. Во овој ден пред самиот почеток на светата Четириесетсетница правиме спомен на паѓањето во грев на првосоздадениот Адам. Светите отци тоа така го устроиле со намера нам со тоа да ни покажат колку на човековата природа ѝ е потребен постот како средство за лекување на гревовите, бидејќи нема ниту еден човек на планетата, кој е безгрешен. Со примерот на Адама светите отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет дена и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби.

Почитувани,

Денес е Прочка, ден пред почетокот на постот, а веќе од утре започнува Великиот пост, кој трае сè до празникот над сите празници Воскресението Христово – Велигден.  Почнувајќи од денес, во дните на постот, но и во иднина да се потрудиме со пост, молитва и со правење на добри дела да се вратиме во нашиот вистински и вечен дом – во рајската населба. Денес треба да го започнеме патот до изгубениот рај, до Царството Божјо. Треба да започнеме искрено да ги испитаме сите наши дела, мисли и помисли, да ги признаеме нашите грешки и вечер да побрзаме во храмот Божји, каде на заедничката Вечерна богослужба, на чинот на взаемното проштевање, ќе си простиме едни со други. Потоа да одиме кај нашите блиски, кај оние на кои сме им погрешиле и да побараме прошка, но и да простиме, и самите себеси да си простиме, да ја сфатиме нашата грешка и да си кажеме и силно да ја отфрлиме и ако го направиме сето тоа, на крај можеме да побараме прошка и од нашиот Бог, како што е посведочено и како што слушнавме од денешното свето евангелие: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен;ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6,14-15). 

Прошката е најдобар почеток на постот, кој ни е голем дар од Бога даден за наше телесно и духовно очистување и за наше спасение. Овој пост според уставот пропишан од Православната Црква се пости според ова правило: од понеделник до петок – строг пост; во сабота и недела е дозволена употреба на масло и вино, на празникот Цветници е дозволено да се јаде риба, а пак и во некои други денови е дозволено да се јаде храна на масло и вино. Исто така за оние кои се болни, за децата, старите и изнемоштените лица, за бремените жени, но и за секоја човечка душа, која сака да пристапи кон постот – со благослов на својот духовен отец ова правило може соодветно да се ублажи. Но, ние користа од постот не треба да ја ограничуваме само на воздржување од јадење, бидејќи постот е пред сè оддалечување од зли дела. Вистинскиот пост не е се состои само во промена на храната,  туку во насочувањето на нашето срцето кон небото и кон Бога, во нашето упатување кон вистинското сокровиште и во очистување на срцето од ‘рѓата што се натрупала врз него од земните грижи и од страстите. Евангелието јасно не поучува: „ Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат (Матеј 6,19-20).

Драги браќа и сестри,

И сите ние од овој миг, простувајќи си, да ја започнеме таа борба и преку постот, молитвата, покајанието и исповедта пред својот духовен отец да стигнеме до Светата Причест, која е наше најголемо богатство – кон кое треба секојдневно да се стремиме, наш лек за животот вечен. Ова е благопријатно време е жетва на нашите души. Да не бидеме мрзливи, да постиме и да се воздржуваме од злото и сето зло што сме го направиле во текот на годината, сега да го отфрлиме преку покајание и смирение и преку овој пост да го заслужиме неискажливо милосрдие на Христа Бога, Кој Го молиме данèудостои и нас за рајската наслада и, како единствен човекољубец, да нè помилува. Амин.

За многу години нека и празникот и имајте богоугодни лесни пости!