Пречистиот извор на исцеленија

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Пречистиот извор на исцеленија[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Радувај се, Живоносен извору, кој разлеваш чудеса

по морињата и по сета вселена!

Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!

            Наоѓајќи се во пасхалната радост предизвикана во нас од настанот над сите настани – Светлото Христовото воскресение и чуствувајќи ја невечерната светлина Христова, во овој Светол Петок од оваа Светла недела сме собрани да го прославиме споменот на обновувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица, кој се наоѓа над чудотворниот извор во некогашен Цариград, а денешен Истанбул, каде што до ден денес постои овој храм и изворот во него од чија што вода многумина примаат исцеленија и чудесно се просветлуваат по милоста Господова. Овој настан низ вековите е преточен во денешниот празник Источен петок – Балаклија, кој е востановен во чест на безбројните чуда кои се случувале при храмовиот извор наречен „Животоносен источник“ или на турски јазик познат под називот „Балаклија“. Овој ден е всушност посветен на Пречистата Владичица наша Богородица, Која, преку  јавување на војникот Лав, кој подоцна станал и византиски император му посведочила и на сите нас ни открила дека Таа долго време го благослувувала изворот. Од синаксарот дознаваме и дека со помош на Богомајката се подигнал храм на тоа место на благодатно исцеление,  како што Богородица сама кажала: „на сите што ќе притекнат и со вера ќе ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат нивните болести“.

Почитувани,

            И ние во овие тешки денови кога целото човештво е исправено пред едно големо искушение, пред смртоносниот коронавирус да не ги заборавиме зборовите на Пречистата и со вера постојано да пристапуваме во молитва кон Неа, која како што можевме да слушнеме од денешните богослужбени химни е наречена „Животоносен Источник“. Ете по нејзината добрина и денес сме удостоени да се собереме овде во овој храм и самите да ја почуствуваме радоста на благодатниот извор во овој дом, овде пред купелот, кој на символички начин го преставува изворот на вода, која денес токму во спомен чудото со слепиот, по благословот на Пречистата ќе ја осветиме и која ќе постане чудотворна и исцелителна за оние кои ќе пијат и ќе ја употребуваат за осветување на душата и телото. Водата со секое осветување од страна на свештенослужителите станува света вода, вода за обновување, за очистување на телото и духот, за ослободување, за прошка на нашите прегрешенијата и за просветлување на нашите души. За светата вода многу свети отци имаат пишувано доста. Во моментов на ум ми доаѓаат прекрасните зборови проткаени со големо искуство на светиот Лука, лекар и архиепископ Воено-Јасенецки, кој и покрај тоа што станал свештеномонах, до крајот на својот живот не ја напуштил својата лекарска професија. Тој живеејќи во едно многу тешко животно време, кога владееле безброј заразни и смртоносни болести за благодатното дејство на светата вода ги кажал следните зборови: „Пијте почесто света вода.  Таа е најефикасен лек. Не ви го велам ова само како свештеник, туку и како лекар. Од моето догогодишно искуство во медицината“. Затоа во овие денови, кога сите се бориме против чумата на 21-от век, коронавирусот, да не заборавиме на светата вода и да пиеме од неа наутро, но и да ги попрскуваме нашите домови, силно верувајќи во нашиот воскреснат Бог, во Неговата промисла и љубов за нас.

Возљубени,

            Во овие воскресенски дни, и ние како Христовите ученици - апостолите да се потсетуваме на Христос, Воскреснатиот од мртвите и на сѐ што Он говорел (Јован 2,22), и со смирение да ги упатуваме нашите молитви кон нашиот Пречист извор на исцеленија – Преблагословената Дева, не заборавајќи ги безбројните чуда, кои се случиле по Нејзините добрините и по Нејзинито вечно застапништво за нас пред Воскреснатиот Господ. Имајќи силна вера и преобразени од воскресенската светлина, во овие мигови никако да не дозволиме стравот да завладее врз нас, туку како вистински христијани врз себе да ги понесеме сите искушенија, страдања и потешкотии, достоинствено и трпеливо, носејќи го својот крст, не заборавајќи дека после страданијата секогаш доаѓа воскресение. Чекорејќи во овие денови на тој голгоско-воскресенски пат, восхитени од Христовото воскресение, да ја воспееме Мајката на Светлината, напојувајќи се од Нејзината животоносна вода, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

            По молитвите на Пречистата, воскреснат Господи, помилуј нѐ!

 

[1]Беседа изговорена на Божествената литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во Гостивар, на 24. 04. 2020 – Светла недела (Источен петок – Балаклија).