Проповед на Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф на манастирската слава во манастирот св.Спиридон-Пробиштип

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Смирениот епископ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“

(Јаков 4,6)

Ваши Високипреосвештенства,

Драги браќа и сестри,

Дојде денот, кога светата Православна црква си споменува за едно од своите најголеми светила, за светиот епископ Спиридон, Тримитунскиот чудотворец, по чии молитви сите ние се наоѓаме во овој возобновен манастирски храм посветен во негова чест, тука под падините на Осоговските планини, во близина на селото Зеленград. И во овие молитвени мигови, кога сите ние, со нашите мисли и со нашите погледи сме засредоточени кон делото и ликот на светиот Спиридон, тој и сега се застапува за сите нас пред Господа Исуса Христа, Кој е чудесен во своите светии. Знаејќи ја духовната големина на денешниот светител, доста време размислував што денес да изговорам, а при тоа да не испуштам нешто од неговото богато житие, од неговите безбројни чудеса и дела, кои најповеќе зборуваат и укажуваат на неговата големина и светост. Навистина не е лесно да се зборува за светиот Спиридон, и секој кој го прочитал неговото житие е свесен за неможноста човек да ја искаже во полнота сета негова величина, благодат, смирение, трпеливост, добрина, благост, едноставност, и сите други бројни добродетели со кои била украсена неговата душа овде на земјата, но ете по неговите молитви и по Божјата промисла денес ќе се обидам накратко да кажам збор два за неговиот свет живот, кој треба да ни е образец на секој еден од нас, кој се стреми да живее богоугоден живот и да го достигне спасението на својата душа.

 

Почитувани,

Светиот Спиридон ни е прекрасен дар од Бога, а неговиот животен пример – образец за следење. Неговата простодушност и љубов го разнежнувале срцето и на најголемиот грешник. Неговата големина се состои пред сè во неговото неискажливо смирение. Тој преку целиот свој живот, без разлика во која служба и чин се наоѓал останал во длабоко смирение и никогаш не го променил својот едноставен и понизен начин на живот. Се родил во земјоделско семејство, но и кога станал епископ на градот Тримифунт по смртта на својата жена – тој своето време го поминувал во работа и во постојана молитва. Освен што се грижел за епархискиот имот и земја, тој најмногу се грижел за своите верни чеда. Себе си секогаш се ставал на последно место и сосема малку од стекнатото употребувал за себе си, а поголемиот дел им го раздавал на бедните и на сиромашните луѓе, на оние кои имале вистинска потреба. Иако немал завршено некое светско, ниту пак теолошко образование, сепак тој со своето живо сведоштво на верата се покажал како вистински заштитник на чистото православно исповедание. На Првиот вселенски собор во Никеја, тој со своето просто и јасно исповедание успеал да преобрати голем број на еретици назад во Православието. Поради таквиот свет живот, и пред сè поради неговото смирение Севишниот Бог, Кој „се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (Јаков 4,6) го наградил со неискажлива и чудотворна благодат, преку која во текот на својот живот, но и до ден денес твори чудеса. Секој кој се поклонил на неговите свети и нетлени мошти, кои денес се наоѓаат во градот Керкира, на островот Крф го почуствувал благодатното благоухание, кое ги облагодатува срцата на безброј поклоници, кои непрестајно до ден денес му оддаваат чест.

 

Мили чеда,

Знам дека живееме во едно тешко време, во време кога најкратко кажано злото е секојдневие, а агресијата и конформизмот – вредности кон кои се стреми егоистички настроената душа, која постојано се труди „да го придобие целиот свет“, без ни најмалку да е свесна за пакоста која и ја нанесува на својата богомдарована душа. И знам дека токму во овие времиња идеалите и вредностите, кои ги проповеда црквата, поучена од Својот Создател и од светиите, меѓу кои и од светиот Спиридон од многумина се презрени. Но тоа не треба нас да нè обесхрабрува, туку напротив треба да ни претставува голем предизвик, предизвик, кој од нас ќе направи вистински епископи, вистински свештеници, но и вистински верници, кои насекаде вистински ќе ги сведочат на дело преку својот живот евангелските добродетели: вера, трпение, љубов, смирение, милосрдие, незлобие, кои на секој христијанин како пример му се повеќе од потребни на патот на спасението. Токму тие вредности во својот живот ги инкорпонирал кроткиот и незлоблив Спиридон, кој во текот на својот живот, презирајќи ја гордоста на овој свет, се стекнал со даровите на љубовта и сочуствувањето, кои се вистинско сведоштво дека во душата на човекот живее Светиот Дух и Божјата благодат. И токму затоа благословен е човек, кој под духовен живот не подразбира само поклони, само акатисти, не само канони, не само времетраење на богослужбите, туку, кој има смирение и љубов за секој христијанин.

И ние, браќа и сестри, во овие недели пред големиот празник Божиќ секојдневно да се стремиме кон даровите на љубовта и сочуствувањето, а по молитвите на светиот Спиридон, патронот на овој прекрасен манастир, Господ да ни помогне да се избавиме од суетата, егоизмот и гордоста, за да смирени конечно сфатиме и разбереме дека ние самите со ништо не сме достојни и дека ако Бог ни дава нешто, дека тоа е само поради Неговата милост, Која и денес и секој ден ни се дава во изобилие на нас грешните, кои го повикуваме и го славиме Неговото великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух и сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Нека е за многу години, манастирската слава. На крај сакам да му се заблагодарам и на мојот собрат, на Вашиот надлежен епархиски архијереј и духовен татко на оваа епархија, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот брегалнички Иларион, како и на сестринството на овој свет манастир, за поканата, за љубовта и топлото гостопримството, а пред сè за можноста заеднички и соборно заедно со вашиот надлежен владика и митрополитот Кумановско-осоговски г.Јосиф да ја испросиме Божјата благодат, која сите ние денес ја почуствувавме во своите срца по молитвите на светиот Спиридон.

На многаја летаа!