Радоста на Божјиот благослов
Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф
Радоста на Божјиот благослов[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!“
(Матеј 5,13)
Драги браќа и сестри,
Во оваа четврта недела по Педесетница со особена причина се наоѓаме овде во месноста Пештер во селото Јагуновце, во Долно-полошкиот крај. Денес по цели 15 години поминати од поставувањето на камен-темелникот дојде денот кога овој новоизграден храм посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец го осветивме, со што се исполнија желбите на сите јагуновци, кои низ сиве овие години се трудевте да се изгради овој храм за да биде духовен столб и место за духовна поткрепа и препород. И навистина нема поголем влог во нашата духовна иднина од тоа да се подигне храм, бидејќи градењето на храмови, всушност е градење на нашата вечност и самото тоа е вградување во неа.
Овој храм, почитувани, веќе со чинот на денешното осветување е дом Господов, дом за молитва и како таков преставува „парче небо на земјата“ во кое сите ние „оскребени и обременети“ од животните грижи со влегувањето во него и со молитва кон светиот Георгиј, патронот на овој храм, повторно и секогаш ќе ја враќаме утехата, верата, надежта и љубовта во нашите срца.
Денешниот ден е вистински празник за секој еден човек во ова место. Радоста кога човек ќе го погледне овој веќе осветен храм е навистина голема, а голема е затоа што Бог го благослови ова дело и по вашиот труд и молитви истото денес, кога го празнуваме и споменот на светите бесребреници Козма и Дамјан е осветено. Во однос на изградба, како и за секоја друга работа во нашиот живот особено е важен Божјиот благослов. Без благословот на Бога – ние луѓето не можеме ништо да направиме. Сето тоа само во една реченица го отсликал псалмопејачот. Во еден старозаветен псалм се вели следното: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини (Пс. 126,1). И, еве, даде Господ Бог благослов, и ние како генерација дочекавме да ја доживееме радоста на тој Божјиот благослов. А радоста на Божјиот благослов ја чувствуваат само оние што имаат вера во Троичниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух. Таква животворна вера имал и стотникот од денешното евангелие. Како плод на таа вера се зборовите кои ги упатил кон Бога: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“ (Матеј 5,8), а Господ Исус Христос зачуден од верата на стотникот, му рекол: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!“ (Матеј 5,13). Во тој миг слугата на стотникот оздравел и ја почуствувал радоста на благодатта Божја. Таа радост ја почуствувале и мнозина излекувани од светиите, за кои денес си спомнуваме, од рацете на светите бессребреници Кузман и Дамјан, кои како лекари и чудотворци имале голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секаква болест и мака, и притоа за својот труд не барале никаква награда, туку од болниот само барале единствено да поверува во Лекарот на нашите души и тела Христос нашиот Спасител.
Таа истата благодат Божја, драги мои, и денес преку призивот на Светиот Дух изобилно се излеаа врз овој храм и врз сите нас. Денес овој храм, кој беше целосно завршен и подготвен за осветување – со чинот на осветувањето и со полагањето на свети мошти доби душа и постана црква, во која и во иднина посакувам во толкав голем број како денес, масовно и активно да учествувате на светите богослуженија и на тој начин да допринесете овој храм да се развива и да биде едно молитвено катче, каде сите ние заедно како црковна заедница ќе го слушаме Божјото слово, каде ќе се молиме на Бога и каде како круна на нашиот подвиг и духовен живот, причестувајќи се со Светите тајни, ние ќе го предвкусуваме Царството Божјо.
Наоѓајќи се денес во овој новоосветен храм, гледајќи Ве Вам и набљудувајќи го ова место во кое неискажливо и неисцрпно обитава благодатта Божја, чувствувам потреба, како надлежен духовен татко на оваа Епархија да им се заблагодарам на сите знајни и незнајни помагачи и ктитори, кои на каков и да бил начин ја помогнаа изградбата на овој храм. Ја користам оваа свечена прилика да ја искажам и мојата особена благодарност до Иницијативниот одбор, до нашите иселеници од Детроит, Америка, како и на нивниот свештеник протоереј-ставрофор Синиша Ристовски, кој потекнува од Јагуновце, за нивната несебична помош и залагања за доизградба на овој свет храм. Нека Бог погледне милостиво на нивните срца. Исто така не помалку Ви благодарам на сите Вас тука присутни, на браќата сослужители и на сите што дојдовте заедно да се радуваме на овој ден на радост на село Јагуновце, на Тетово и на сета Македонска православна црква.
Нека ни е честито осветувањето и нека овој храм биде вечен кораб на нашата сигурна пловидна кон Божјото царство! Амин! На многу години!
[1] Беседа изречена на ден 14 јули 2019 година за време на Литургијата во новоосветениот храм „Свети вмч. Георгиј“ во с. Јагуновце – општина Јагуновце - Тетовско (4 недела по Педесетница – Светите бесребреници Козма и Дамјан; Преподобниот патрициј Петар и светиот маченик Потит).