Сабота на молкот

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Сабота на молкот[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Радувајте се!

(Матеј 28,9)

Драги браќа и сестри,

Вчера, на Велики Петок како Христови следбеници символички учествувавме во погребението на Спасителот, а денес, пак на Велика Сабота, наоѓајќи се меѓу Петокот и Неделата, помеѓу тагата и радоста и помеѓу смртта и воскресението – сите ние чувствуваме тага, молк и жалост, но и очекување, спомнувајќи си за Покојникот Господа Исуса Христа. Денес, сите ние како членови на Светата Црква си спомнуваме за пребивањето на нашиот Господ и Спасител во гробот и за Неговото слегување во адот. Исто така овој ден на покојот бил определен и како ден за чување на гробот. Додека стражарите го чувале гробот Христовата мајка Пресвета Богородица и жените мироносици со болка го оплакувале Христос Бог, а Неговите ученици, светите апостоли одвоени од Својот Учител го очекувале Христовото воскресение.

Споменот на денешниот ден несомнено најдобро е опишан во следните зборовите на тропарот: „Во гробот со телото, во адот со душата, во рајот со разбојникот, а пак со Својата божествена природа на престолот со Отецот и Светиот Дух, како Бог – насекаде, Неопислив“. Како што читаме во денешниот синаксар телото Господово претрпи и смрт, односно разделување на душата од телото, но не и распаѓање. Христос Својата нераспадлива и божествена душа ја предал во рацете на Отецот. Неговата душа, бидејќи не потпаѓала под прародителската клетва не беше задржана во адот, каде Он се спуштил за да ја понижи смртта, да го уништи владеењето на нечестивиот и да ги урне вратите на адот, како што беше пророкувано и во Стариот завет од устата на пророкот Давид, кој го прорекол овој настан со зборовите: „зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скрши железните резиња“ (Пс. 106,16). Во адот Христос Бог, по по зборовите на Климент Александриски, го проповедал Евангелието. Свети Иринеј, пак пишува дека Христос во адот ги отпуштил гревовите на оние, кои поверувале во Него. Ако погледнеме во иконата, која го преставува Христовото слегување во адот, која според православната иконографија всушност е и пасхалната икона, ќе ја видиме Христовата триумфална победа, а таа победа е поголема затоа што Бог со Своето снисходење, односно со Своето смалување во чинот на симнувањето во адот, и со Своето воскресение го пронашол загубеното, го пронашол човекот и го спасил подигнувајќи го и воскреснувајќи го од мртвите. Впрочем и големината на Христовото воскресение е во тоа што Он не е само Оној што воскреснал, туку и Оној што воскреснува.

Почитувани верници,

И денес во благословена сабота, во која преку оплакувањето и молкот се надѕиркува Христовата победа над гревот, смртта и ѓаволот, созерцувајќи ја таа спасителна и воскресенска тајна да ги направиме последните подготовки за достојно пречекување на Христовото воскресение, на Пасхата, која е празник на нашето избавување од ропството на смртта и премин во живот. Наоѓајќи се исправени и соочени со едно големо искушение, пред самиот миг на Воскресението да заборавиме на сите светски искушенија и нашите мисли да се со Христа, Кој во овие мигови се спушта до крајната граница на адот и го започнува избавувањето на мртвите, движејќи се нагоре, од пеколот кон Небото, победувајќи ја смртта со Своето воскресение и неискажливо смирение. Сега е моментот кога целокупната наша тага, сите наши потешкотии и напластени грижи треба да исчезнат во минатото, кога едноставно треба да заборавиме на сѐ што не обременува и кога треба да притрчаме кон прегратките на Христос, Лекарот на нашите души и тела.

Трчајќи кон Неговата воскресенска прегратка, во оваа вонредна состојба можеби како никогаш до сега сме соочени престојувајќи во соборот на семесјтвото, во нашите домашни цркви – домовите да ја доживееме состојбата во која се наоѓале светите апостоли, кои го очекувале Воскресението Господово. Затоа нашата тага нека стане радост. Со радост да ги поминеме следните часови до Воскресението и да ги раскинеме оковите и гревовите, кои нѐ држат затворени во смртната сенка. Со вера, надеж и љубов во Христовото воскресение, во оваа спасоносна и светлозрачна ноќ, на невечерниот ден заедно со членовите на нашата домашна црква, од нашите домови  да земеме учество во вечната победа на животот, правејќи премин од смрт во живот, преку решителноста  да ја прифатиме вечно подадената Христова рака, Која и денес е подадена за избавување од нашите страданија без разлика каде ќе ја дочекаме радоста на Неговото тридневно воскресение. Во пресрет на празникот да ги засилиме нашите молитви за болните и за оние, кои и во овој ден се на работните места и кои во таков работен амбиент ќе ја пресретнат најголемата вест, со надеж дека и тие како апостолите ќе го слушнат Христовиот глас на победата, кој гласи: „Радувајте се!“ (Матеј 28,9). Посакувам воскресенската радост преточена во најрадосниот поздрав: „Христос воскресе!“ – и во овој Велигден, кој вечно ќе го паметиме – да одекне во сите човекови срца, во сите домови и насекаде во светот, сега и секогаш и во сите векови! Уште еднаш на крај сите да речеме: Со Твоето неискажливо снисходење, Христе Боже, наш, помилувај нѐ! Амин!

Вашата радост нека биде полна. Имајте добра и спасителна Пасха!

 

 


 

 

Не е важно местото каде ќе го дочекаме и прославиме Христовото воскресение, туку е важно е во каква состојба ќе го дочекаме и дали веруваме во Воскресението. А тоа ќе се случи без разлика дали ќе бидеме во домовите, на балконите или пак во храмот

 

По Твоето неискажливо милосрдие, Христе Боже наш, помилуј нѐ! Амин

 

[1]Беседа изговорена на Божествената Литургија во манастирската црква „Свети Атанасиј“ с. Лешок – општина Теарце – Тетовско, на 16. 04. 2020 (Велики четврток; свети Никита Исповедник; свети Павле Неволник; светиот маченик Улпијан)