Словесната Христова гулабица

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварскиВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова,

ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“

 

Почитуван Директор на Комисијата за верски односи г. Даријан Сотировски,

ценети претставници на народот во Собранието,

уважени членови на Црковниот одбор,

драги браќа и сестри,

Денес се наоѓаме во овој наш прекрасен храм, еден од најретките, а можеби и единствен во нашата Татковина, кој е посветен на маченичка за верата наша православна, на светата Марина, чиј спомен денес и го празнуваме традиционално сите ние  собрани во овој нејзин храм, овде во Зубовце. Денес празнува цело Зубовце, празнува секоја македонска православна душа во него. Со нас празнуваат иселените зубовчани, празнуваат сите. Секоја година од 1859 година река на народ се движи кон оваа височинка, кон овој свет храм кој со својата убавина и со иконите насликани од нашиот голем зограф Дичо и пркоси на времето и со својата местоположба го привлекува вниманието.

Празникољубци,

Таа небеска убавина и нас денес нѐ собра  во овој храм по молитвите на светата Марина, во народот позната и како Марена или Огнена Марија. Ќе ја искористам оваа прилика да се потсетиме на нашата денешна светителка, на нејзиниот свет и праведен живот и на нејзиното несмртно дело пред Христа Спасителот наш, бидејќи на тој начин, освен што ние ќе научиме нешто повеќе за неа, исто така, одгледувајќи се на нејзиниот живот и поучувајќи се од нејзиното животно дело и пример би напреднале во духовниот живот и така би станале во иднина подобри христијани. Всушност за тоа и служат празниците. Да се потсетиме на светиите или на некој настан од христијанскиот живот, но и да научиме нешто повеќе, нешто што не знаеме и да се потсетиме на тоа што сме го заборавиле. Како и се друго и верата се учи – за да се знае и за да точно се практикува, чиста од секое суеверие за да ни биде за наше оправдување и спасение.

Возљубени мои,

Светата маченичка Марина е ранохристијанска светителка. Таа се родила во Антиохија Писидиска, во незнабожечко семејство. Таа дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ Исус Христос, дека се воплотил од Пречистата Дева, дека извршил многу чуда, дека примил крсна смрт и дека славно воскреснал. Нејзиното младо срце се распалило со љубов кон Господ и таа се заветувала дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакала да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво. Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал веќе за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа најпрво да му биде жена. А кога го одбила, ѝ наредил да им се поклони на идолите, на што Света Марина одговорила: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создателот“. Тогаш Олимвриј ја подложил на маки, па целата изнаранета ја фрлил во затвор. Во затворот Марина Го молела Бога и по молитвата ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намоткала околу главата. Но штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала. Тогаш ја заблеснала небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнале и се јавил крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушнал глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“ Тогаш, со силата Божја, била исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина сѐ претрпела како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јави Господ Исус со ангели. Била заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата остана да живее на небото и на земјата. Света Марина денес е почитувана од иноверците, а нејзините мошти се чудотворни.

Драги браќа и сестри,

И ние како и светата Марина никогаш да не се откажуваме од нашата вера. Да веруваме во Бога, да доаѓаме што почесто во овој храм, да се почитуваме едни со други, да ја чуваме нашата православна традиција. Мило ми е што Вие и денес дојдовте во голем број да се насладите од благодатта на Светиот Дух, кој постојано пребива на ова место, што ја чувате вековната традиција и нашата вера во овие краишта, како и во минатото. Радосен сум што на денешниот патронов празник се собра толку народ. Јас знам дека истата радост ја чуствувате и Вие. Радоста во Господа и радоста од Господа не може ништо да ги намали или замени. Таа радост по молитвите на Вашата заштитничка светата маченичка Марина да Ве прати постојано во Вашиот живот!

Да живее вечно традицијата и верата православна во Зубовце и во Македонија!

На крај би сакал да ја истакнам голема благодарност до Директорот на Комисијата за односи со верските заедници што со своето присуство го збогати овогодинешното чествување на храмовиот празник. Исто така голема благодарност до Црковниот одбор, но и до сите Вас мои зубовчани за грижата кон ова светилиште, кое  го осветлува патот на сите луѓе со добра волја и со добра мисла.

Нека е за многу години овој празник!