Со молитви кон Божјата мајка
г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, на 11. 04. 2019
Со молитви кон Божјата мајка[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Радувај се, Лествицо небесна по Која Бог слезе…!
Драги браќа и сестри,
Денес го отслуживме последниот петти акатист во Велигденскиот пост и повторно ја величавме и восхваливме Пресветата Богомајка – Богородица и секогаш Дева Марија, Која е наша постојана застапничка и закрилница пред Нејзиниот Син и наш Бог, Господа Исуса Христа. Сите ние во изминативе пет недели, секој петок ја славевме Пресвета Богородица, но преку акатисните песни и ја молевме во овие дни на Великиот пост, кога се трудиме духовно да напредниме преку духовни подвизи исполнети со пост, со молитва, со покајание и воздржување - и Таа да биде со нас и да ни помага дните на постот успешно да ги завршиме за на денот на Христовото воскресение, сите заедно да ликуваме.
Ние преку акатистите и благодариме на Пресвета Богородица, за сè што направи и прави за нас. Самиот акатист, според православната химнографија е химна на благодарност, која содржи ирмоси и кондаци, односно благодарствени песни, кои кога се пеат не се седи, туку се стои. Имаме акатисти посветени на светители, на Господа, на чудотворни икони, како и во спомен на Пресвета Троица и на Честниот Крст. Но, во најширока употреба е овој акатист посветен на Пресвета Богородица познат како „Храбра наша војводко“, кој настанал во спомен на големото чудо, кое се случило во Цариград, кој останал неосвоен град од страна на Аварите, благодарение, токму на заштитата на Богородица. Овој акатист е ремек дело на византиската литургиска химнографија и истиот дава богослужбена потврда за учењето на Дева Марија како Пресвета Богородица, кое го потврди Третиот Вселенски собор во Ефес. Така сите ние не само што во изминативе недели и денес ја славевме Божјата Мајка, туку и ја исповедавме како Пресвета Богородица, како онаа која пречисто и бесемено го зачна и роди Господа и Бога и Спасителот наш Исуса Христа.
Денес, читајќи го акатистот ги испеавме и зборовите Радувај се, Лествицо небесна по Која Бог слезе…!, па мислите ме упатија познатото дело „Лествица“ од светиот Јован Лествичник, чиј пак спомен денес го славиме. Во мојата проповед во неделата, која беше посветена токму на светиот Јован Лествичник, а кога го празнувавме и празникот Благовештение, зборувајќи за Пресвета Богородица кажав: „Таа е Лествица преку која сите ние се сродуваме со небото, а Бог снисходувајќи кон човекот се сродува со нас во Богородица и така се јавува „тајната од вечноста“ на тој начин што Бог станувајќи човек – ни овозможува и нам да станеме богови по благодат“. Во оваа прилика сакам да запаметиме, браќа и сестри, дека на тој пат на богоуподобувањето, Богородица е нашата скала, нашата Лествица небесна кон небото. И секогаш кога ни е тешко, кога нè измачува некоја жалост, кога ќе надвисат искушенијата над нас, да не дозволиме да паѓаме и да страдаме, туку нажите молитви да ги упатиме кон нашата Избавилка од варварското робување, кон Богородица, Која милостиво ќе го погледни нашето скршено срце и ќе ни ја даде утехата, а тоа е Господ Исус Христос, Кој е патот, вистината и животот (сп. Јован 14,6). По нејзините молитви и чуда многумина се исцелиле и се нашле повторно на Божјиот пат.
Затоа, браќа и сестри, да ги упатиме повторно нашите погледи кон Пресвета Богородица и повторно да ја помолиме- Таа да биде наша Лествица небесна и да ни биде Мајка, Која ќе биде наша утеха и патеводителка не само во дните на овој пост, туку и преку целиот наш живот. Да продолжиме и во нашите домови да практикуваме да го читаме акатистот на Пречистата Дева и воскликнувајќи и: „Радувај се, Невесто Неневесна!“ и ние да се радуваме, оти Бог ни ја дал Својата Мајка да ни биде пример, закрила и помош на патот кон спасението, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е за многу години и живи и здрави, по молитвите на Богородица да го дочекаме Христовото воскресение!
[1] Беседа изговорена на Акатистот во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, на 11. 04. 2019 (Преподобен Јован Лествичник; Спомен на монахот којшто радосно умре зашто никогаш во животот не осуди никого).