24-та Недела по Педесетница
На 19.11.2023 година, во 24-та Недела по Педесетница, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Во денешното Евангелско четиво добиваме поука да правиме добри дела. Христос веднаш ја излекувал крвоточивата жена и ја воскреснал Јаировата ќерка. Он пројавил голема милост кон нив. Затоа и ние, како христијани, треба да ја пробудиме милоста кон бедните и сиромасите во овој наш привремен живот. Богатството и сè што имаме, сè она што е пред нашите очи е како сон. Ништо не е вечно и трајно. Кога ќе настапи смртниот час, ништо не можеме да понесеме со нас во другиот свет, туку само добрите дела, доколку сме ги направиле во нашиот живот. Колку големи владетели, богаташи и силници од овој свет граделе, собирале и нивното богатство го презентирале пред луѓето. Но, од тоа денес нема ништо. Со ова не сакаме да кажеме дека не треба да се трудиме како добри домаќини и да создаваме пристојни услови за живот. Црквата нè поучува и од нас бара земното, трулежното и преодното да не ни биде основна цел која ќе нè приврзе, и ќе нè закова кон себе и ќе биде причина да нè оддели од Бога, од вистината, од правдата, од возвишеното, светото и од благородното. Црквата нè повикува да го оставиме сето овоземно и суетно на страна. Да Му дадеме приоритет на Бога, на верата и да го бараме Божјото царство и Неговата правда. Сè друго што ни е потребно, Бог ќе ни го надополни. Со Своето Воскресение Господ Исус Христос ги победи двата најголеми непријатели на човечкиот живот и човечкото достоинство – смртта и гревот. Овие два непријатели на човечкиот род родени се уште тогаш, кога првиот човек се одродил од Бога, погазувајќи ја заповедта за послушност кон својот Творец. Можеби и затоа човекот отсекогаш се плашел од феноменот наречен смрт, зашто разумот потемнет од гревот, не можел да ја сфати во потполност суштината на смртта, па оттука следуваат и човечките солзи, плачења, лелекања секојпат кога ќе дојдеме во допир со неа. И денешниот евангелски настан од Христовото време нè доближува до тој наш непријател – смртта, но овојпат, оваа средба со смртта е пропратена со присуството на Спасителот Христос во овој настан и со Неговите утешителни зборови упатени до Јаир, таткото на умреното дванаесетгодишно девојче, до неговото семејство и неговите пријатели, а кои зборови гласат: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие“ (Лука 8: 52). Со Христовото воскресение гробот повеќе не е длабока бездна, бидејќи Он го исполни со Самиот Себе; ниту е повеќе мрачен, зашто Он го осветли; ниту гробот е стравотија и ужас, бидејќи не го означува крајот на животот, туку почетокот; ниту гробот е наша вечна татковина, туку само врата за влез во вистинската татковина. Токму затоа Господ Христос им рекол на присутните во домот кај Јаир: не плачете, девојчето само спие, зашто смртта во Божјото присуство е обессилена.