25-та Недела по Педесетница
На 26.11.2023 година, во 25-та Недела по Педесетница, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Не се мери Бог со човекот, како што грнчарот не се мери со грнето. Нема мерило за Бога, оти Бог е мерило на се и судија на сите. Господ Исус Христос дошол за да ги измени мерилата и судовите на луѓето. Луѓето природата ја мереа според себе си, па мерата им била погрешна. Во параболата за милостивиот Самарјанин, Исус илустрирал три перспективи на животот. Прво, тука биле разбојниците, кои го ограбија патникот на патот кон Ерихон. Како оние што безмилосно ги користат сиромасите, нивното однесување било: „Она што е твое - е мое. Ќе ти го земам.“ Второ, овде биле свештеникот и левитот, кои поминувале тука, одбивајќи да се занимаваат со човекот што крварел покрај патот. Исто како и оние денес, кои се толку зафатени (одејќи на молитва), што само ги одминуваат сиромасите, нивното однесување било: „Она што е мое – е мое. Не го давам.“ Трето, тука бил милостивиот Самарјанин, кој застанал, погледал и дејствувал: го подигнал ранетиот човек, му ги преврзал раните, го однел во гостилницата, ги платил сметките, па дури ветил и дека ќе се врати и дека ќе доплати. Неговата грижа, неговата љубов, нам, како на христијани, секогаш треба да ни бидат пример – та ова да биде нашето однесување: „Што е мое: моето време, моите таленти, мојот имот? Всушност, тие не се мои, туку Господови. Ќе ги делам со другите.“.И да запомните кога ќе заврши Литургијата денес, излегуваме во светот за да служиме друга Литургија. Тоа се вика „Литургија по Литургијата.“ Тоа е онаа Литургија, која се извршува покрај патот, таму кајшто има сиромаси, страдалници, ранети, обесправени луѓе. Кога им служиме ним, Му служиме на истиот Христос, Кој е присутен на Литургијата. Така со оваа денешна парабола од евангелието би рекол како да ја опфаќа сета историја на луѓето од почетокот до крајот, и сета историја на нашето спасение. Со неа Господ не учи дека само преку Него можеме да станеме роднини Божји и роднини на луѓето.