35 Недела по Педесетница
04.02.2024 - Во 35 Недела по Педесетница, Св. Ап. Тимотеј во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Живееме во свет каде по налетот и влијанието на светските искушенија, на брзиот начин на живеење, на технолошкиот развој, постепено не само што се отуѓуваме од ближните туку се отуѓуваме и од духовниот дом, од Светата Црква, каде духовно се родивме и многумина наши браќа и сестри започнуваат, нажалост, да живеат еден живот надвор од Христа и евангелието, на тој начин постепено губејќи ја верата во својот Создател – Троичниот Бог. Со неколку зборови кажано, живееме во време на духовно слепило. Слепи сме за гревовите, слепи сме за убавината на светот, слепи сме за другиот. Телесната слепотија е физички недостаток кој нè лишува од можноста да ги видиме убавините од овој свет кои Бог ги создал. Нè лишува од можноста да ги видиме своите родители, ближни и пријатели. За разлика од неа, духовната слепотија е многу пострашна, зашто станува збор за слепотија предизвикана од гревот, со која ние се лишуваме од можноста да ја видиме сопствената грешна состојба и да го видиме патот кон покајанието. Кога човекот ќе почне постепено да се очистува од гревот, во неговата чиста душа влегува Христос и тогаш во него пребиваат Христовите мисли, чувства и дела. Само на таков начин човекот го стекнува духовниот вид. Само на таков начин можеме да Го видиме Христа, да се соединиме со Него и засекогаш да пребиваме со Него во Царството небесно. Живеејќи во едно вакво време, како никогаш до сега, ние верните треба да се свртиме кон евангелските вредности. Молитвата - единствената и искрена молитва, макар и онаа со наши зборови, посетување на Божјиот храм, каде нема да се молиш ти самиот за себеси, но каде и другите ќе се молат за тебе, читањето на Светото писмо и на други духовни, поучни и побожни книги, особено житијата на светиите каде се среќаваме со вистински и живи примери од христијанскиот живот,
дружење со луге што имаат духовен живот, правење добри дела. На духовниот вид особено му помага трпението и смиренеието.
Сето ова не приближува кон Бога, не обновува, не очистува, но сето ова бара од нас извесни усилби и жртва. Затоа, драги браќа и сестри, ако ни се болни очите на нашата душа или ако сме духовно слепи, ете овие услови нека не приближат кон Вистинската Светлина.