36 недела по Педесетница
На 11.02.2024 година, во светата 36 недела по Педесетница и денот кога го прославуваме споменот на преносот на моштите на св. свештеномаченик Игнатиј, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Молитвата соединета со вера и надеж многу може да помогне кај нашиот Бог. Не постои нешто што може да ја спречи и да и се спротивстави на силната молитва. Како ваш владика многупати се случува предмет на мојата проповед да биде верата и нејзиното значење во животот на христијаните. Тоа е оправдано и добро, бидејќи верата е основа и темел на нашиот живот. Таа се јавува како еден од основните услови на нашето живеење, зашто според неа можеме да го добиеме, односно да го спечалиме нашето спасение. Денешното прочитано свето евангелие е прекрасен пример од кој можеме да се поучиме сите ние овде присутни во овој велелепен храм во Гостивар. Како што знаеме, Господ Исус Христос честопати патувал од едно место на друго и бил придружуван од многуброен народ кој сакал да го слушне новото учење и новите принципи што Господ Христос ги проповедал. Но, имало и такви кои барале излекување на себе или на некој од своите блиски или роднини. Така, во денешното свето Евангелие, меѓу многубројниот народ Христа го придружува и една жена Хананејка, која викала со силен глас: „Помилуј ме Господи, Сине Давидов, ќерка ми жестоко се мачи од бес“ (Мат. 15,22). Оваа очајна мајка најверојатно ги поминала сите можни лекари, барајќи излекување на нејзината ќерка, но никаде не го нашла тоа што го барала. Но, кога слушнала за Христа, дека Он лекува секакви болести, си рекла во себе дека токму Он е Тој што ќе ја излекува нејзината ќерка. Но, бидејќи била друговерка, односно не била Еврејка, се сметала за недостојна да излезе пред Христа и да бара помош, туку одела по Него и молела: „Помилуј ме Господи, Сине Давидов, ќерка ми жестоко се мачи од бес“ (Мат. 15, 22). Но, Христос спокојно си продолжува и не им дава никаква важност на нејзините молби и прозби. Таа тогаш со уште повисок глас почнала да моли милост за нејзиното чедо. Учениците, кои исто така Го следеле Христа, Му сугерираат да ја отпушти бидејќи многу вика и просто им било непријатно да ги слушаат извиците на оваа жена. Но, Христос им одговара на учениците дека „Он е испратен само кај изгубените овци од домот Израилев“ (Мат. 15, 24). Христовата реакција, односно одбивањето на жената Хананејка, не е затоа што таа е Хананејка, а не Еврејка, туку напротив, Он сака да ја зацврсти во верата и надежта на Својата семоќност. Оваа тажна мајка повторно вика и моли за помош. На прв поглед може да се помисли дека Христос дефинитивно ја одбива и тоа на еден груб начин велејќи: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (Мат. 15,26). Но, нејзината силна и непоколеблива вера и надеж во излекувањето на нејзината ќерка повторно се исправува пред Христа и му вели: „Да, Господи, ама и кучињата јадат од трошките што паѓаат под трпезата на нивните господари“ (Мат. 15,27). Туѓинката со овие зборови како да сака да Му каже на Христа, но во исто време и да Го моли: „Дај им на синовите Израилеви леб, но допушти да земам и јас трошка од тој леб што паѓа од таа трпеза. Барам само ронка од Твојата милост и љубов кои ги делиш на децата од домот Израилев“. Со ова таа многу јасно и гласно ја покажала својата вера дека и најмала љубов на Неговата личност е доволна нејзината ќерка да оздрави од лошите духови, кои со години ја измачуваат. И на крајот, нејзината упорност во верата и надежта ќе роди плод. Тогаш Христос ќе и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина“.
Нашиот Спасител, Кој е извор на љубов и многумилостивост кон луѓето, најпрво не ја исполнил молбата на оваа жена. Не дека не покажал жал и милост кон неа, туку сакал да ја утврди во верата, во истрајноста, па нејзината молитва да вроди со плод и да го добие тоа што го бара. Примерот на оваа жена Хананејка има поучно значење и за нас денеска. А поуката е многу јасна и гласна. Ако сакаме да се исполнат нашите молитви и прозби што ги упатуваме кон Господа Исуса Христа, кон Неговата Света Мајка и кон другите Божји угодници, тогаш тие мора да бидат силни, јаки, непоколебливи и упорни и да бараат добро за сите и себе, а не да бараат зло и пакост за својот ближен.