750 ГОДИНИ ОД СЛИКАЊЕТО НА ИКОНАТА ВО СТРУГА
„Откако ги совладавте душевните страсти со силата на Словото, станавте управници на земјата на халдејските народи, бидејќи добродетелта знае да им додели почести на оние што ја имаат, мудри потомци на племето Давидово!“ (песна од канонот на Утрена во Недела на светите Праотци).
На 24.12.2017 година, во Неделата на светите Праотци, а по повод 750 години од сликањето на струшката икона на светиот великомаченик Ѓорѓи, во храмот „ Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Танаскоски и Димче Ѓорѓиески, протоереите Васко Голабоски и Темелко Донески, свештениците Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Васил Ристовски и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
„
Синко, дај ми го мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата мои"
(Изреки 23, 26)
Овие зборови се наменети од Бога за луѓето од Стариот завет. Но, тие се пренесени и во Новиот завет. Истите имаат свое значење и сега и се многу корисни. Многумина ги имаат слушнато овие зборови, но, малкумина се оние што го прифаќаат овој повик на својот Небесен Отец.
Според црковниот богослужбен поредок, светата Православна црква, последните две недели од Божикниот пост ги посветува на светите Праотци и Отци. Оваа недела, втора пред Божик, посветена е на светите Праотци. Овие праведни луѓе, кои живееле во Стариот завет, се одликувале со нивниот чесен живот трудејќи се да ја исполнуваат волјата Божја, а истовремено, да ја негуваат идејата за доаѓањето на Месијата. За доаѓањето на Оној, Кој ќе го спаси и избави родот човечки од пропаст. Во богослужбата, што се служи на денешен ден, се спомнуваат повеќе такви праведници. Се споменуваат Адам, Ное, Енох, Мелхиседек, Мојсеј, Арон, Авраам, Исак, Јаков, Давид, Соломон, пророците Илија и Исаија како и останатите пророци, и се завршува со св. Јован Крстител и Претеча Господов. Сите овие Старозаветни праотци го исполнувале законот Божји. Но, тие не можеле да постигнат совршенство. Затоа преподобниот Макариј Велики тоа многу убаво го објаснува со зборовите: Душата нивна не можела да се ослободи од лошите помисли и дела, додека не дошол Месијата – Спасителот.
За подобро да ги разбереме Соломоновите зборови, кажани на почетокот, ќе ни помогне денешното свето Евангелие, прочитано на светата Литургија. Евангелието ни зборува колку е важно да ја негуваме и чуваме верата во овој секојдневен свет. Во параболата се вели дека еден богат човек приготвил богата гозба. Откако ја приготвил, повикал многу свои познаници и блиски да земат учество на вечерата. Но, некои имале купено волови, кажано на денешен јазик –
автомобили, некои ниви –
фабрики, некои се ожениле или омажиле итн. Тука, богатиот човек е Господ а поканетите сме сите ние. Вечерата е царството Божјо. Но, параболата завршува со зборовите: „
Зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани"
(Мт. 22, 14). Тоа значи дека сите сме повикани, но, поради нашите грижи и поради нашата приврзаност кон овој свет, не одговараме позитивно на овој повик, туку, наоѓаме разни оправдувања.
Господ не вели да не се жениме и мажиме! Господ не вели да немаме семејства и да немаме имот! Господ вели дека ништо на овој свет не треба да биде повредно и позначајно отколку самиот Господ. Повикани сме сите, без разлика на нација, вера, боја и пол. Повикани сме сите во царството Божјо. Затоа, и Месијата, Господ Исус Христос доаѓа на овој свет, за да можеме и ние да влеземе во царството небесно. Но, ние не сме повикани да влеземе во царството небесно само откако ќе го напуштиме овој свет. Повикани сме да претвкусиме од тоа небесно царство уште додека сме живи, тука на земјата. Оној, пак, човек, кој влегол без свадбено руво, нѐ опоменува дека не можеме неподготвени да влеземе на приредената гозба, што Господ Христос ја приготвува за сите на светата тајна Евхаристија, како што се вели во Евангелието: „
Ете, приготвив јадење;
јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово;
дојдете на свадба!"
(Мт. 22, 4).
Нашиот Спасител Господ Исус Христос и денес се обраќа на сите нас, преку зборовите: „
Вечерата е подготвена"
. Но, потребно е да ги отвориме вратите на нашите срца и Он ќе влезе во нив и заедно ќе вечераме на таа трпеза. За таа, пак, трпеза ни зборува св. ап. Павле: „
Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат"
(1. Кор. 2, 9).
Да се обратиме со молитва кон светите праведни Праотци, како и кон нашите сесловенски просветители и учители Кирил и Методиј и кон св. вмч. Георгиј, на кого е посветен овој храм. Да ни ја зацврстат верата и да ни ја умножат љубовта, па и ние да можеме позитивно да одговориме на Господовиот повик и да влеземе во царството небесно. Амин!
Недела на Св. Праотци
24. 12. 2017 година
Храм „
Св. вмч. Георгиј"
- Струга