Ако правилно се разбере македонскиот модел на секуларноста, ќе имаме подобро општество

Не смееме да дозволиме верското право на граѓанинот да биде нарушено и религиозноста да биде истисната од општеството, а од друга страна не треба да дозволиме ниту злоупотреби од страна на верските заедници, истакна владиката на МПЦ-ОА во своето предавање. Тој смета дека ако правилно се разбере, практикува, стимулира и развива македонскиот модел на секуларноста, од страна на државата и верските заедници, ќе имаме и подобро општество

На Европскиот универзитет РМ вчера предавање одржа митрополитот тетовско-гостиварски, владиката Јосиф на тема “Секуларизмот во Р Македонија„ и “Уставниот поредок на МПЦ„, кои, како што рече, секогаш се актуелни теми и привлекуваат големо внимание.
– Живееме во секуларна држава и сите сме сведоци на придобивките, но и на проблемите кои произлегуваат од погрешните претстави и сфаќања на секуларизмот. Денес сакам да поразговараме малку за различните сфаќања, толкувања, но и за унапредувањето на секуларизмот, кој е еден од четирите модели со кои се регулираат односите помеѓу државата и религиите. Тој претставува модел на уставна, како и на доброволна одвоеност на уставно-правниот систем од религискиот систем. Во народните маси секуларизмот е познат под поимот “световност# и ја претставува заложбата за одвојување на Црквата од државата и слобода на верата и мислењето, истакна во своето предавање владиката Јосиф.
Тој појасни дека по дефиниција, секуларизмот, односно секуларноста е принцип или конпцепт на одвојување на религијата од државата. Државата е секуларна кога религијата е одвоена од неа. Тоа значи дека државата нема право да се меша во религиозните работи ниту, пак, верските заедници и религиозни групи да се мешаат во државните работи.
– Поточно се работи за принцип на одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата од верските заедници и религиските групи, т.е. се однесува на гледиштето дека човековите дејности и одлуки, особено политичките, не би требало да потпаѓаат под влијанија на религијата. Секуларноста, всушност ја гарантира од една страна слободата на државата од религиското владеење и учење, како и слободата на луѓето за свој сопствен избор на своја вера, а од друга страна се гарантира слобода и на верските заедници и религиозните групи од страна на државата, која е неутрална во однос на прашања поврзани со верата, истакна владиката Јосиф.
Што се однесува до македонскиот модел на секуларизам, вели дека истиот е во развој како што и самиот поим секуларност е движење насочено кон модернизација. Во два периода се носат клучни акти поврзани со карактерот на нашиот модел на секуларизам и тоа во времето на усвојување на Уставот во 1991 година и за време на измените на истиот во 2001 година.
– Прво, секуларизмот некои го поистоветуваат со атеизам и атеистичко општество. Таквиот концепт не дозволува во никој случај верските заедници да се развиваат во општествен и државен систем. Второ, одредена група на мислители, пак секуларизмот го сфаќаат како модел, кој треба да овозможи широки и неприкосновени верски слободи и права на граѓанинот и затоа религијата е потребна да влезе во општеството на начин на кој што ќе биде во постојан дијалог со државата. Овие два концепти за секуларизмот се во судир и во нашето македонско општество. Пред неколку години таков судир имаше околу изградбата на храмот “Свети Константин и Елена# во општина Центар, со предметот “Веронаука#, па и сега брзо со Божикните поворки. Пред се треба да се почитува демократското право на поединецот во нашето општество, потсети митрополитот тетовско-гостиварски.
Според него, вистинскиот секуларизам воопшто не треба да биде сфатен како атеизам, бидејќи тој не е тоа.
– Едноставно секуларизмот како начело во државата – на сите нам ни дава слобода да одлучиме сами дали ќе практикуваме вера или нема да практикуваме, без притоа да мотивира религиозност во нас, бидејќи државата доброволно, со носењето на Уставот се откажала од правото да не мотивира да сме религиозни и особено важно- државата се откажала и од можноста да фаворизира одредена вероисповед во однос на друга, вели владиката Јосиф и додава дека верските заедници, како и во секоја демократска држава, имаат можност активно да учествуваат во општествените процеси, истапувајќи со свои ставови или проекти.


Владиката Јосиф упати порака дека не смееме да дозволиме верското право на граѓанинот да биде нарушено и религиозноста да биде истисната од општеството, а од друга страна не треба да дозволиме ниту злоупотреби од страна на верските заедници. Тој смета дека доколку правилно се разбере, практикува, стимулира и развива македонскиот модел на секуларноста од страна на државата и верските заедници ќе имаме и подобро општество.
На крај тој ги запозна присутните со црковно право, под кое се води и регулира целата Православна црква.
На предавањето на ЕУРМ присуствуваа претседател на УО на ЕУРМ, проф. д-р Бојо Андрески, ректорката проф. д-р Јана Манева-Чупоска, директорот на Комисијата за верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, декани, професори, асистенти, студенти…

Извор: Вечер