Aтанасиј Велики во с. Фалише - Тетово
На 15.05.2025 На празникот Св. Атанасиј - Летен, во храмот посветен на св. Атанасиј Велики во с. Фалише-тетовско, беше отслужена Света литургија на која молитвено присуствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот леб, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денес е радосен ден за сите вас жителите на убавото Фалише. Денеска го прославуваме светиот Атанасиј Велики, вашиот молитвен заштитник. Вашето многубројно присуство на Светата литургија, сведочи за вашата љубов и почит кон денешниот светител. Вo дeнeшниoв дeн сe празнува прeнoсoт на нeгoвитe мoшти и чудата oд иститe. Го прославуваме оној кој ни дава пример како се живее во подвиг. Оној кој претрпел големи страдања заради верата и заради вистината. Оној кој бил учесник на Првиот вселенски собор и кој дал најголем придонес во изобличувањето на погрешното аријанско учење и во формулирањето на догмата. Но, и покрај сите овие негови заслуги, тој, половина од своето епископување ќе го помине во заточеништво, прогонство и во мака. Затоа, Бог го прослави и веќе XVII века Светата Црква го прославува како голем подвижник и угодник Божји. Патот до Божјата вистина не е лесен. Тој е истиот оној пат преку кој Божјата вистина доаѓа во светот. Тоа е патот до Крстот. Заедницата која Го следи Христос мора со Него да појде и на Крстот, да пострада за вистината. Невозможно е да ја најдеме и да опстојуваме во вистината и слободата, ако себе си не се предадеме на судот на Божјата вистина. Вистината и слободата нè водат и до љубовта. И денес, многумина христијани, заради нивната вистина и слобода, ќе бидат и се замразени од светот и дури ќе бидат гонети како светиот Атанасиј, но на крај христијанската љубов ќе победи. Љубовта секогаш победува – како што вистината е секогаш една. Да не се плашиме од вистината и правдата, туку да ги имаме во нашите срца и мисли. Нив да ги сведочиме и со нив да живееме и по цена на страдање, бидејќи: ,,Блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е Царството небесно!” (Матеј 5,10).
Да ги упатиме нашите мисли кон животот на светиот Атанасиј, да го следиме и да ги упатиме нашите молитви кон него, да ни помага и да нè насочува кон вистинскиот пат до спасението, да ни биде наш закрилник пред Бога за да ни даде благодат да издржиме во страданијата и борбата против лагите и невистините од овој свет, та да го здобиеме ветеното царство кое не е од овој свет, а кое е подготвено за оние од овој свет, кои неизмерно ја засакаа правдата и вистината. Амин!
За многу години нека е празникот, а на оние кои го прославуваат споменот на светиот Атанасиј – нека им е вечна славата! Имајте благословен и радосен ден. ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!