Благовештение на Пресвета Богородица
На 07.04.2023 година, Благовештение на Пресвета Богородица, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света литургија во соборниот храм св.Кирил и Методиј – Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата Митрополитот ги благослови празничните лебови.Во својата беседа пред верниот народ митрополитот г.Јосиф меѓудругото нагласи:Настанот на Благовештението е особено значаен празник, кој не само што е почеток на Лукиното евангелие и на сите Господови празници, туку и поради тоа што овој празник е и почеток на нашето спасение, на спасението на целиот човечки род. И токму во тоа е благата вест за сите нас. И по повеќе од 2000 илјади години за нас православните христијани – нема порадосна вест од веста, која архангелот на денешен ден и ја пренел на Божјата мајка: „Не бој се, Марија, зошто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус“ (Лука 1,31). Тоа се зборовите преку кои се исполниле старозаветните пророштва. Благовештението, односно благата вест имено е исполнување на Божјото ветување, кое Он го дал со паѓањето на Адам и Ева во грев, а кое се нарекува „прво благовештение“. Веста за воплотувањето на Словото Божјо е најголема вест во човечката историја. Вест, која направила пресвртница во светската историја. Таа добра вест е исправка на настанот што се случил во Едемската градина. Таму од жена започна падот, а тука од од Дева започнуваат сите блага. Затоа Богородица е новата Ева. Таму од жената започна падот и неговите плодови, а тука од Дева започнуваат сите блага. Таму Адам, тука Христос. Таму е Ева, тука е Марија. Таму е змијата, тука е Гаврил. Таму е шепотот на искушувачот, тука поздравот на ангелот, на кој Марија Дева со послушание одговорила „ Ете ја слугинката Господова, нека ми биде по зборот твој...“ (Лука 1,38)..Да се огледаме и ние на Пресвета Богородица, да го возљубиме нејзиното смирение, чесност, вера, нејзината скромност, трпеливост и кротост, да го примиме и нејзиното послашание и љубов. А на тој пат да запаметиме дека наша најголема застапничка и молитвеница е секогаш Таа, која го вкусила блаженството на вечниот живот од Единородниот Син свој, Него да Го моли и за нас грешните за да и ние го добиеме тој дел на вечното блаженство. Амин!