Боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос,
На 22.04.2022 година, на Велики Петок, во вечерните часови, кога го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос, во соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ во Тетово, беше отслужена Утрена богослужба на којашто беа испеани и трите статии со кои го опеваме Христовото опело. На Утрената богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоереј Предраг Исаевски и Александар Стојановски и ѓаконот Илија Деспотовски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа кој меѓу другото нагласи:Браќа и сестри собрани овде во соборниот храм во Тетово околу Кувуклијата со светата Плаштаница, како подобие на Гробот Христов, во созерцание и молитва се поклонувавме пред тајната на тој живоносен Гроб.Смртта Христова, за која денес си спомнуваме, се открива немоќта на смртта над Него.Самото Христово слегување во адот во царството на смртта, се покажа како триумф на животот. Животот беше затворен во Гроб, но Животот засветли од Гробот.Денеска е распнат Спасителот! Божествената љубов е поставена на посрамување и потсмев. Божественото милосрдие е приковано на дрво. Од божествената убавина истекува крв. Која жива душа нема да се трогне од таквата глетка?