Bтор петок од Великиот пост

На 14.03.2025, во вториот петок од Великиот пост, Митрополитот   Тетовско-гостиварски г. Јосиф, заедно со свештенството од храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар, отслужи Мало повечерие заедно со читање на втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица. Митрополитот г. Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Браќа и сестри, еве, денес оваа вечер, во вториот петок од Велигденскиот пост, отслуживме богослужба, Акатист овде во Гостивар кон Мајката Божја.
Во Акатистот што го отслуживме, слушнавме како Црквата Божја укажува на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, се моли за сите свои чеда тука на земјата и затоа кога ние имаме многу маки, страдања, искушенија, незгоди, болести и жалости, треба некому да му се обратиме за помош, а најпожелно е да и се обраќаме за помош на Мајката Божја Пресвета Богородица, која е застапница за нас христијаните пред престолот на Севишниот Бог, нејзиниот Син и наш Спасител Господ Исус Христос. За тоа колку е важно да се молиме на Мајката Божја и другите светители говорев во мојата беседа во недела на православието. Светата Црква отсекогаш верувала во покровителството и заштитата на Пресвета Богородица и во тоа, исто така, веруваат и сите верници. Нејзината помош може да ја посведочи секој еден од нас на личен план, да сведочи за нејзината благодатна помош кога и се обраќаме во моменти на тага, мака, болести и жалости. Таа ни испраќа храброст во молитвите, благословување и исправање во животот. Со нејзината смиреност и вера, светоста и праведниот живот, таа примила од Бога можност да престојува и да се застапува за нас, да ни помага, та да можеме и нашиот живот да го поминуваме во трпение со вера и благочесен живот.
Историјата на Православната Црква има многу примери кога Божјата Мајка застанувала како карпа во помошта, особено во моменти кога било во прашање опстанокот на Црквата и на христијанската вера. Но, драги браќа и сестри, нашите гревови, нашите престапи, нашиот гревовен живот се појавуваат како пречки и прегради помеѓу нас и Бога, помеѓу нас и Богородица. Па, и покрај тоа што имаме такви можности и такви застапници, гревот, пакоста, злобата, гордоста и останатите страсти и пороци нè оддалечуваат и ни го поматуваат умот и не ни даваат можност да се обратиме правилно кон овие наши единствени вистински помошници. Затоа треба да се обратиме кон нашата света Црква, таму да побараме нејзина помош и преку молитвите и светите Тајни да се очистиме, опаметиме, освестиме, а по молитвите на Пресветата Мајка Божја повторно да се удостоиме да пристапиме со чисти срца и чисти души кон Мајката Божја и Нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос. Сите вие кои сте вечерва тука на Акатист во овој храм овде во Гостивар посветен на Мајката Божја, таа нека се моли за сите нас да имаме мир во себе и мир меѓу себе. Преку молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј нѐ и спаси нѐ нас грешните. Амин!