Bториот петок од Великиот пост
На 18.03.2022 г., во вториот петок од Великиот пост, Митрополит Тетовско-гостиварски г.Јосиф, отслужи Мало повечерие со читање на втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „св.Кирил и Методиј"-Тетово.
По отслужувањето на втората статија од Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица беа благословени принесените петолебија.Митрополитот г.Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа кој меѓу другото нагласи:Во денешната прочитана статија од Акатистот што го отслуживме, слушнавме како Црквата Божја, укажува на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, се моли за сите свои чеда тука на земјата, и одтаму кога ние имаме многу маки, страдања, искушенија, незгоди, болести и жалости, треба некому да му се обратиме за помош, а најпожелно е да и се обраќаме за помош на Мајката Божја Пресвета Богородица, која е застапница за нас христијаните пред престолот на Севишниот Бог.Таа се моли за сите кои со вера и љубов прибегнуваат кон неа и го просат нејзиното застапништво. Затоа светата Црква пее: „Немаме друга помош ниту друга надеж освен тебе". Така светата Црква се обраќа кон мајката Божја, просејќи го нејзиното застапништво. Наша христијанска должност е секогаш да ја прославуваме Божјата мајка и секогаш да ѝ благодариме за нејзината обилна милост која ја покажува кон нас и кон целиот христијански род.