Четиринаесеттата недела по Педесетница
На ден 10. 09. 2023 во четиринаесеттата недела по Педесетница во храмот „Свети Атанасиј“ во Лешочкиот манастир, беше отслужена Света архиерејска литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протојереј Ѓорги Сламков, ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски.Верниот народ се причести со Светите тајни. Во својата беседа по прочитаното Свето евангелие Митрополитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: ,,Денес сите ние ја слушнавме поканата пренесена во евангелското четиво, која ја прочита ѓаконот на Литургијата, а која е упатена од Самиот Господ Исус Христос до сите нас. Поканата во денешната парабола за свадбата на царевиот син, гласи: „Дојдете на свадба!“ (Матеј 22,4). Оваа покана не би била необична, ако таа нема длабока смисла и ако таа не бара свое толкување и објаснување. И ние, кои се наоѓаме овде во овој свет храм посветен на св.Атанасиј и кои присуствуваме на оваа Света литургија, поканети сме на оваа царска свадба и свечена трпеза. Многупати досега сме го слушнале толкувањето на ова денешно прочитано евангелие. Сепак, да се потсетиме дека во приказната за големата гозба, по повод свадбата на царскиот син, светите отци ја гледаат Црквата, ја гледаат благодатта, Светите тајни, а особено, Светата тајна Причест. Домаќинот, царот, кој приредува свадба е нашиот Спасител. Неговата куќа е Црквата, а богато сервираната маса е светата Причест. Исус, Кој е Бог и Господ, ги поканува сите да дојдат. Ниту еден домаќин во светов не е во состојба да понуди нешто повеличенствено од Христа, а тоа е вечниот живот кон кој треба да ги насочиме сите наши стремежи во овој век. А на свадбата, на која сме поканети, Он на Својата трпеза ни го сервира непроценливото богатство на Својата благодат, ни Го дава лекот на бесмртноста - Причесната кон која треба сите да приоѓаме за спасение на душата и телата наши. Затоа, брака и сестри секогаш треба да сме благодарни неизмерно на Бога за се. Сиот наш живот е прекрасна тајна, позната единствено на Бог. Нема ништо случајно во нашиот живот. На крај секогаш да ги имаме на ум и да не ги забораваме зборовите на светиот Иринеј Лионски, дека „Господ го создал човекот за да може некому да ја излие Својата љубов“. Да се трудиме како добри христијани да пребиваме во тајната на љубовта, љубејќи го Бог и сите околу нас, постојано сега и секогаш и во сите векови! Амин!"