Четвртата и последна статија од Акатистот кон Пресвета Богородица

24.03.2023 г. Четвртата и последна статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, кој се чита во петоците на Великиот Пост, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф ја прочита во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово.
На крајот од богослужбата митрополитот г.Јосиф изрече вдахновено слово за Пресветата Богородица и нејзиното значење во животот на православните христијани, а говореше и за тоа како утрешниот светител св.Кирил Лешочки го поучувал верниот народ колку е значајна за човечкиот род нашата молитвена заштитничка Богородица. Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото истакна: Човек, кога се обидува да пишува за Пресвета Богородица, тој мора или да ѝ пее, или да ѝ се моли, или пак, да богословствува. Ова го велам затоа што кој од нас ќе се дрзне да зборува за Пресветата, ако не му е дадено како дар од Бога. Замислете колку многу време чекаше човечкиот род да се роди човек толку чист во својот живот, за да може да Го роди Бога во тело. Тоа се оствари во личноста на Пресвета Богородица, и затоа ѝ пееме и ја славиме како Поширока од небесата, бидејќи во Себе Го смести Несместливиот, Оној Кој ни небесата не можат да Го сместат. Таа ни е пример и застапништво, како што вели св. Симеон Нов Богослов, како и ние денес да Го зачнеме и да Го родиме Христа во нашиот живот. Затоа Пресвета Богородица има големо значење за спасението на луѓето, од самиот почеток, па до денешни дни.  Многупати Пресвета Богородица ја задржувала и сè уште ја задржува раката Господова, за да не ги казни грешниците. Да се запрашаме само колку ли пати таа спасуваше земји и смируваше скарани народи, прекинуваше војни, победуваше непријатели, задржуваше поплави и задоволуваше глад!?.Затоа и ние денес постојано прибегнуваме кон Царицата небесна , молејќи ѝ се да нè заштити нас кои сме во неволји, жалости и болести, оптоварени со многу гревови; секогаш ја молиме со солзи, топла душа и смирено срце и имаме цврста надеж дека ќе ни помогне и дека ќе се застапи за нас пред Нејзиниот Син.