Cпомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски
На 08.11.2023 година, денот кога го прославуваме свештениот спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеска прославуваме еден голем маж на светата Православна црква. Маж кој својата вера ја посведочил со мачеништво. Тоа е светиот великомаченик Димитриј, Солунскиот чудотворец. И ние да се поучиме од Димитриевиот живот и да направиме добри дела како неговите, кои ќе сведочат за нас и нашата вера и праведен живот. На овој ден – Митровден е и погодна прилика да се запрашаме дали и како живееме христијански? Дали го сведочиме Христа? – Мерило за тие прашања нека ни биде животниот пат на денешниот светител. Тој пат е одличен пример за тоа како треба да живее еден православен христијанин, како треба да го сведочи Христа Бога. Секој од нас е повикан да биде сведок на Христос, како што бил и светиот Димитриј, кој сведочел за Бога и за вистината борејќи се сѐ до смртта, така што пролевајќи ја сопствената крв оставил сведоштво за „тајната на побожноста“ (1 Тим. 3,16). Тие сведоци што го дале и загубиле својот живот за верата ние ги нарекуваме маченици, а мачеништвото, драги браќа и сестри – е крајниот настан преку кој христијанинот сведочи за верата во Христос. А да се биде сведок Христов треба постојано да се биде подготвен за жртва и сведоштво по примерот на Христос. Христовата жртва и сведоштва треба да се наш редовен потсетник за тоа што вистински значи да се биде христијанин. А да се биде вистински христијанин значи да се биде добар верник, кој живее според верата и според православните прописи и преданија.
Нека овој голем светител Димитриј, биде наш заштитник пред Бога и молитвеник за сите нас, а ние да не престанеме во нашиот живот, живеејќи христијански на дело да сведочиме за вистинската вера во Христа на мачениците. Да се сведочи и да се живее христијански не е воопшто помало мачеништво, а маченик е секој кој живее на Христов начин, односно еден богоугоден и христијански живот. Големите страданија и жртви – носат и големи радости, затоа и сите ние да се трудиме да правиме жртви и духовни подвизи, да се распнуваме со Христа, за да и воскреснеме во Неговото царство, сега и секогаш и во сите векови.