,,Cв. Константин и Елена" во с. Вратница-Тетово

03.06.2025 година кога Црквата го празнува споменот на Светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, во храмот ,,Cв. Константин и Елена" во с. Вратница-Тетово, беше отслужена света литургија на која молитвено присуствуваше надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На Божествената Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа во која меѓудругото нагласи: Секогаш со голема радост доаѓам на овој празник овде во Вратница. Ме радувате во Господа бидејќи со голема љубов сте подигнале храм посветен на св. Константин и Елена, и со голема ревност го посетувате и одржувате овој велелепен храм. Голем е споменот што денес нашата света Црква го слави, зашто големи се и славениците на овој ден. Денешниот празник на светите цар Константин и царица Елена ни дава две поуки. Првата е при секоја прилика и непријатност од нашиот живот да се обраќаме кон силата на чесниот и животворен крст Господов, а втората пак е, по нивниот пример да работиме за ширење и утврдување на нашата вера во Вистинскиот Бог, секаде каде се наоѓаме. Светиот цар Константин, со знакот на крстот што го видел на небото ги победувал не само надворешните, туку и внатрешните непријатели. Крстот Христов за него бил секојдневно заштитно орудие. Со неговата сила и духовниот благочестив живот, со што тој се прославил пред сѐ, е вброен во ликот на Божјите угодници – светиите. Како не би бил победител со крстот Христов, кога нашиот Спасител еднаш засекогаш на Голгота ги победил сите непријатели на нашето спасение? Како не би бил победоносен, кога во него е сокриена спасителната небесна сила на Богочовекот Христос, нашиот Спасител. Ја користам приликата од овој свет храм овде во Вратница, посветен на нашите денешни светии и молитвеници пред Троичниот Бог, да упатам апел до сите православни верници, вистински да ја ползуваат дадената од Бога и од Божјиот угодник Константин – слобода за исповедање на својата православна вера и имајќи ги на ум павловите зборови: „Сѐ ми е дозволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е дозволено, но ништо не сакам да надвладее над мене“ (1 Кор. 6, 12) – да се потрудат во сите денови од својот живот да живеат вистински христијански живот, посетувајќи ги христијанските храмови и исповедајќи ја својата вера, бидејќи слободата преку која ние можеме да ја исповедаме јавно својата вера е добиена низ многу страданија, благодарение на жртвите на светиите во првите векови и е запечатена со крвта на мноштво маченици и исповедници на верата наша православна. Нека е за многу години храмовата слава, а на сите оние кои го чествуваат овој ден како своја семејна слава или именден, нека им е честито и Божјиот благослов да биде со сите вас.